НОВ СУДАР МЕЃУ МОСКВА И ВАШИНГТОН Лавров не го криеше изненадувањето
Москва реагира по изјавата на Марко Рубио дека Вашингтон не може да биде неутрален посредник поради поддршката за Киев.

Русија изрази изненадување од изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио дека САД не можат да имаат улога на неутрален посредник во украинскиот конфликт поради нивната поддршка за Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Неодамна, мојот колега Марко Рубио, во обраќањето пред Конгресот, на наше изненадување кажа дека САД не можат да бидат посредник во украинското прашање затоа што целосно ја поддржуваат Украина“, рече Лавров по средбата со неговиот колега од Мадагаскар.
Шефот на руската дипломатија додаде дека Москва останува подготвена за продолжување на разговорите со Вашингтон, повикувајќи се на предлозите што, според него, американската страна ги изнела за време на самитот во Анкориџ.
„Претседателот Доналд Трамп изјави дека е подготвен повторно да се вклучи во напорите за решавање на украинската криза. Ние сме подготвени за тоа и остануваме посветени на патиштата за решение што ни беа предложени од американската страна“, изјави Лавров.
Тој нагласи дека Москва го цени тоа што администрацијата на Трамп, како што рече, никогаш не ја довела во прашање потребата од дијалог.
Осврнувајќи се на Европската Унија, Лавров ја доведе во прашање можноста европските земји да се претставуваат како посредници, а истовремено да применуваат притисок врз Русија.
„Не знам како се обидуваат да се претстават како посредници и преговарачи, кога во исто време поставуваат ултиматуми“, рече тој.
Според Лавров, европските лидери испраќаат контрадикторни пораки и од една страна зборуваат за потребата од дијалог со Москва, а од друга страна велат дека со Русија треба да се разговара само од позиција на сила.
Тој ги критикуваше и продолжувањето на санкциите на ЕУ против Русија, оценувајќи дека таквата политика, според него, се темели на очекување Москва да капитулира.
„Тоа е многу чудна тактика која може да се нарече сè, освен нормална политика и дипломатија“, заклучи Лавров.


