НЕЗАДОВОЛСТВО ВО ЈАВНОСТА По зголемувањето на банкарските провизии, следува институционален одговор

Гувернерот на Народната банка предлага поширока јавна расправа за банкарските надоместоци и можни законски измени.

НЕЗАДОВОЛСТВО ВО ЈАВНОСТА По зголемувањето на банкарските провизии, следува институционален одговор
Фото: Национал

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повика на отворање дебата за можни законски измени со кои централната банка би добила поголеми овластувања за заштита на корисниците на платежни услуги и за влијание врз висината на одредени банкарски надоместоци.

Во објава на платформата Икс, Славески истакна дека платежниот промет е услуга што секојдневно ја користат и граѓаните и компаниите, поради што прашањето за банкарските такси заслужува сериозно внимание од институциите и јавноста.

Тој посочи дека во моментов Народната банка нема законска можност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, според него, актуелните случувања укажуваат на потреба од разгледување на законски решенија слични на оние што веќе се применуваат во повеќе европски држави.

„Неопходно е да се разгледаат опциите за надополнување на законската рамка, по примерот на европските земји каде постојат механизми за заштита на потрошувачите и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“, наведе Славески.

Тој додаде дека искуствата од Европа, каде што постојат инструменти за регулирање или ограничување на одредени банкарски такси, можат да послужат како добра основа за јавна расправа и во земјава.

Според Славески, крајната цел е граѓаните и компаниите да имаат пристап до квалитетни и ефикасни платежни услуги по разумни и прифатливи цени, во согласност со современите европски стандарди.

Неговата иницијатива доаѓа по неодамнешните одлуки на неколку банки да ги зголемат надоместоците за услугите поврзани со платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од посилна заштита на корисниците.

ГРАЃАНИТЕ НА УДАР Банки ги креваат провизиите, гувернерот Славески изненаден

CATEGORIES
Share This