НЕВЕРОЈАТНИ ОБЛОЖУВАЊА – Погодиле воени напади до минута точност поврзани со војната во Иран

Над 1 милијарда долари сомнителни трансакции регистрирани од почетокот на ескалацијата.

НЕВЕРОЈАТНИ ОБЛОЖУВАЊА – Погодиле воени напади до минута точност поврзани со војната во Иран
Фото: Принтскрин

Британскиот „Гардијан“ објавува дека трговци и шпекуланти оствариле значителни профити преку прецизно темпирани финансиски облози поврзани со ескалацијата на војната во Иран, што отвора сомнежи за можно инсајдерско тргување и користење доверливи информации.

Според извештајот, дури шеснаесет одделни облози, секој во вредност од околу 100.000 долари, точно го предвиделе моментот на американските воздушни напади врз Иран на 27 февруари. Потоа, еден корисник наводно заработил над 550.000 долари со облози поврзани со падот на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, непосредно пред информациите за неговата смрт од израелски напади.

На 7 април, непосредно пред најавата на Доналд Трамп за привремен прекин на огнот со Иран, биле отворени позиции во вредност од околу 950 милиони долари со очекување пад на цената на нафтата, што навистина се случило. Дополнително, објавите и изјавите на Трамп, според анализата, често предизвикуваат нагли движења на пазарот на нафта, понекогаш во рок од неколку минути. Во еден случај, по наводно отворање на Ормутскиот теснец, цените на нафтата паднале за околу 10 проценти, а потоа повторно пораснале поради неизвесност околу информацијата.

Од почетокот на ескалацијата меѓу САД, Израел и Иран, финансиските пазари и платформите за предвидување регистрирале повеќе од 1 милијарда долари во необично прецизни и навремени облози. Некои од нив биле поставени само неколку часа или ден пред клучни геополитички настани кои директно влијаеле врз цените на нафтата и глобалните пазари.

Овие модели предизвикале загриженост кај аналитичари и регулатори, кои предупредуваат на можност за користење нејавно достапни информации. Експерти истакнуваат дека ваквите случаи може да личат на инсајдерско тргување, иако докажувањето директна поврзаност меѓу информациите и трансакциите е тешко.

„Гардијан“ наведува и дека платформи како „Полимаркет“ и „Калши“ отвораат нов пазар за обложување на политички и воени настани, кој функционира во правна сива зона меѓу финансиски тргувања и шпекулативно обложување. Поради зголемен број сомнителни активности, дел од американските законодавци и регулатори размислуваат за подетални истраги, додека граѓански организации предупредуваат на недоволна регулација.

Иако засега нема официјални обвиненија против поединци или институции, извештајот заклучува дека војната во Иран сè повеќе станува и финансиски настан, кој генерира големи шпекулативни движења и брзи профити засновани на политички и воени информации.

CATEGORIES
Share This