НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ – Судии пресудија поранешниот врховен судија митаџија да излезе од затвор многу порано од очекуваното
Апелација одлучи осудениот врховен судија да добие нова шанса за слобода.

Скратена е затворската казна на поранешниот врховен судија Наќе Георгиев, осуден за примање мито, откако Апелациониот суд во Скопје ја уважил неговата жалба за условен отпуст и ја изменил претходната одлука на Кривичниот суд. Со оваа одлука, казната станува правосилна.
Според новото решение, Георгиев нема да остане зад решетки до мај 2027 година, како што првично беше предвидено, туку ќе излезе од затвор летово. Тоа значи дека ќе одлежи околу две години и два месеци затвор.
Претходно, Кривичниот суд веќе му ја намалил казната, овозможувајќи потенцијален излез во септември оваа година, но Георгиев поднел жалба. Апелациониот суд дополнително ја скратил казната за уште два месеци.
Во жалбата, тој навел примерно однесување во затворот, почитување на правилата, како и возраст од 63 години и влошена здравствена состојба. Судот ги прифатил овие аргументи.
Дополнително, дел од казната ја издржувал во олеснет режим, бидејќи од мај минатата година бил ангажиран како магационер и излегувал од затвор во текот на денот, со враќање навечер, како и користење викенд-отсуства.
Георгиев претходно се спогоди со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во предмет за примање мито од синот на поранешен градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Со спогодбата прифатил тригодишна затворска казна и забрана за вршење службена функција во траење од три години.
Адвокатот Умејр Мухамеди реагираше на одлуката, посочувајќи на, како што вели, нееднаков третман во јавните реакции за случаи со различни категории обвинети.
Одлуката на Апелациониот суд предизвика реакции во јавноста и отвори дебата за еднаквоста пред законот и третманот на високите функционери во правосудниот систем.
