ОБВИНИТЕЛКАТА УДРИ ПО ОДБРАНАТА НА СУДИЈАТА РИСТОВ Правните мислења не се докази

Обвинителката Искра Хаџи Василева оцени дека правните мислења на професорите немаат доказна вредност, додека адвокатот Давидовиќ тврди дека судијата не може да биде опфатен со делото за кое се товари.

ОБВИНИТЕЛКАТА УДРИ ПО ОДБРАНАТА НА СУДИЈАТА РИСТОВ Правните мислења не се докази
Фото: Принтскрин

Жестока размена на ставови меѓу обвинителството и одбраната на судијата Ѓоко Ристов на денешното рочиште. Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева оцени дека правните мислења и толкувањата од универзитетски професори што ги презентирала одбраната немаат доказна вредност и не можат да го обврзат судот при донесувањето на одлуката.

По рочиштето, Хаџи Василева посочи дека судот треба да ги цени фактите и доказите изведени во постапката, а не ставови поткрепени со академски авторитет.

„Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште. Правните мислења дадени како нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази и не можат да бидат докази“, изјави обвинителката.

Таа оцени дека ваквиот пристап ја намалува правната култура и професионалното ниво на постапката. Хаџи Василева минатата недела беше избрана за шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Адвокатот на Ристов, Ѕвонко Давидовиќ, појасни дека правното мислење на професорот Гордан Калајџиев било побарано од одбраната и се однесува на правната квалификација на кривичното дело. Според ставот на одбраната, судија не може да биде опфатен со законското битие на кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ за кое се товари Ристов.

Давидовиќ посочи дека во мислењето се наведува оти судиите не се опфатени во категоријата службени лица на која се однесува конкретната законска одредба, туку таа се однесува на лица во јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал.

Обвинителството, од друга страна, смета дека ваквите правни мислења не претставуваат докази што можат да влијаат врз судската одлука.

Давидовиќ информираше дека одбраната се откажала од дел од предложените сведоци, бидејќи не успеала да стапи во контакт со нив, а оценила и дека нивните искази не би донеле нови сознанија во постапката. Тој потврди дека финансиското вештачење побарано од одбраната сè уште не е готово, но е во завршна фаза. Анализата ги опфаќа банкарските сметки на шест лица.

На денешното рочиште не се појавија ниту двајцата вештаци на одбраната. Атанас Козарев треба да ги објаснува ДНК-трагите пронајдени на парите и фолиите, додека Антонио Ѓорѓиев треба да го презентира економското вештачење со кое одбраната настојува да го поткрепи потеклото на парите што им припаѓале на родителите на Ристов.

Судијката Билјана Коцевска реагираше поради нивното отсуство и побара одбраната за следното рочиште да ги обезбеди вештаците, а доколку не можат да присуствуваат, навремено да го извести судот.

„Имавте доволно време да го подготвите вештачењето и на следното да биде готово и да се достави до Обвинителството, за да може да се произнесе и вкрстено да го испраша сведокот“, рече Коцевска.

Постапката против судијата Ѓоко Ристов е поврзана со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството претходно соопштија дека парите не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.

По изведувањето на доказите и сослушувањето на сведоците, исказ пред судот треба да даде и Ристов. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.

ПРОДАЖБА НА БОСТАН, ПИПЕРКИ, ДИЊИ ВО ГОРЊИ МИЛАНОВАЦ Мајката на судијата Ристов објасни како заштедила 350.000 евра

CATEGORIES
Share This