ДАЛИ ТИ ИЗГЛЕДАМ ЈАС КО ИДИОТ – СЕГА БОБАН ОД АВАЛОН СЕ ИЗВИНИ Јазикот ми беше побрз од мозокот

Милошевски призна дека остриот одговор кон новинарката бил даден во афект од умор и стрес, по што упати јавно извинување.

ДАЛИ ТИ ИЗГЛЕДАМ ЈАС КО ИДИОТ – СЕГА БОБАН ОД АВАЛОН СЕ ИЗВИНИ Јазикот ми беше побрз од мозокот
Фото: Принтскрин

Сопственикот на „Авалон продукција“, Бобан Милошевски, јавно ѝ се извини на новинарката Мирослава Симоновска за начинот на кој ѝ одговори на прес-конференцијата одржана пред концертот на Дејвид Гета.

Извинувањето следува откако неговиот однос кон новинарката предизвика остри реакции во јавноста.

„Прво, неџентлеменски искажаната прва реченица без персирање, второ, афектно искажаната прва реченица, исто така без многу памет. Не знам на колку од вас ви се случило да изговорат нешто во афект, од умор и од стрес“, рече Милошевски.

Тој додаде дека станувало збор за реакција во момент на замор и напнатост.

„Тоа е едноставно кога јазикот ти е побрз од мозокот. Мене конкретно тоа ми се случи на таа прес-конференција. Контекстот на пресот беше сосема друг, не го очекував тоа прашање и без размислување одговорив во афект, од умор и од стрес“, рече Милошевски, упатувајќи искрено извинување.

Што се случи на прес-конференцијата?

На 7 септември, еден ден пред концертот на Дејвид Гета во Скопје, новинарката го праша Милошевски зошто не е објавена вредноста на договорот и дали постои клаузула со која се спречува неговото објавување.

„Дали ти изгледам јас ко идиот? Јас кажав за што е пресот. Имате да поставите прашање во контекст на пресот?“, возврати тогаш Милошевски, оценувајќи го прашањето како провокација.

„Прославата не беше само концертот на Гета“

На денешната прес-конференција Милошевски објасни дека целта била прославата на 35-годишнината од независноста да трае цел месец и да опфати публика од сите категории.

Тој посочи дека концертот на Дејвид Гета бил само еден, но најголем дел од целокупната програма.

„Интенцијата беше да се слави месец дена, да се слави низ цела Македонија и да се опфатат, што е најважно, сите целни групи на публика. Ова нема само славенички, туку и едукативен карактер“, рече Милошевски.

„Гета е најголемиот проект што сме го направиле“

Милошевски оцени дека концертот на Дејвид Гета е најголемиот проект што „Авалон продукција“ го реализирала во Македонија.

Според него, продукцијата зад концертот била на светско ниво и во Скопје било поставено шоу со димензии какви што Гета имал во големите европски градови.

„Ова што го направивме ние со Дејвид Гета во Скопје е потполно исто како во Стајковци да се организира трка за Формула 1 по сите можни потребни атрибути кои ги бара Формула 1“, рече тој.

„Источна Европа зборуваше за Македонија“

Милошевски нагласи дека целта била Македонија да добие меѓународно внимание преку голем музички спектакл.

Тој посочи дека концертот бил изведен со целосна продукција и дека слично шоу Гета годинава имал само на неколку локации во Европа.

„Го постигнавме ефектот цела Источна Европа да зборува дека Македонија прославила 35 години со Дејвид Гета – фул монолит шоу“, изјави Милошевски.

„Без ниту еден инцидент“

Милошевски изрази задоволство и од организацијата и од реакциите на публиката, посочувајќи дека концертот поминал без инциденти.

Тој рече дека бил особено изненаден од бројот на млади во партерот и нивното познавање на песните на англиски јазик.

„Помина без ниту еден инцидент, на највисоко светско ниво“, оцени Милошевски.

Тој додава дека од повеќе негови колеги добил позитивни реакции за продукциското и организациското ниво на концертот.

Според него, и покрај тоа што може да се дебатира дали ваков концерт бил доволен како единствена прослава, фактот што тој бил само еден дел од целокупната програма го прави, како што оцени, „вистински потег“.

CATEGORIES
Share This