ДОДЕКА СЕ КАРААТ ПРЕД КАМЕРИ Зад сцена си делат милиони од Буџетот
Единствена Македонија обвинува дека договорот за изборното финансирање создава нерамноправни услови и бара исто финансирање за сите или укинување на државните средства.

На сцената граѓаните гледаат кавга меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ЛЕВИЦА и ЗНАМ, но, зад кулисите се постигнува договор кој ги фаворизира овие партии и создава нерамноправни услови за останатите учесници во изборната трка.
Според предлог-моделот за финансирање на 20-дневната изборна кампања за вонредните парламентарни избори во 2027 година, веќе се договорија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН да добијат по околу 800.000 евра, додека Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра.
Во исто време, вонпарламентарните партии незаконски би биле ставени во иста категорија со независните листи, иако, според Единствена Македонија, станува збор за различни субјекти со различен статус во изборниот процес.
„Ова не е демократска конкуренција, туку создавање привилегирана политичка елита која со државни пари си обезбедува предност пред останатите учесници на изборите“, велат од Единствена Македонија.
Од партијата предупредуваат дека ваквиот модел директно ја ограничува можноста вонпарламентарни партии да ги претстават своите програми пред граѓаните, бидејќи финансиските услови стануваат клучен фактор во изборната кампања.
„Како една партија со 0 денари државно финансирање да се натпреварува со оние кои добиваат стотици илјади евра од парите на граѓаните?“, прашуваат од Единствена Македонија.
Како решение, партијата предлага или целосно еднакво државно финансирање за сите партии кои учествуваат на изборите, или целосно укинување на државното финансирање на изборните кампањи.
„Пари за избори – за сите или за никој. Нема демократија без еднакви услови“, порача Единствена Македонија.


