НЕМА ГУЖВИ НА ГРАНИЦИТЕ Но опасност демне на овие делници
Сообраќајот се одвива непречено по суви коловози, но на повеќе патни правци низ државата се воведени привремени режими поради санации, реконструкции и градежни работи.

Сообраќајот денеска (19 јун и) на сите државни патишта во Македонија се одвива непречено по суви коловози, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања ниту за влез ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците каде постои опасност од одрони. Такви се патиштата Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Во меѓувреме, од 15 април повторно е отворен за сообраќај патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица за сите возила до 3,5 тони.
На повеќе патни правци низ државата се изведуваат градежни активности и санации. Времен режим на сообраќај е воведен на делницата Гостивар–Стража поради санација на вијадуктите на Атанасова Река и Дол, како и на мостовите на реката Вардар кај Желино на автопатот А2.
Работи се изведуваат и на автопатот А1 на делницата Смоквица–Гевгелија поради поставување интерконективен гасовод, додека на скопската обиколница се врши рехабилитација на коловозот меѓу клучките Волково и Кондово, при што левата лента е затворена за сообраќај.
Поради санација на свлечиште, сè уште е во сила времен режим на регионалниот пат Косоврасти–Мелнички Мост.
Како дел од изградбата на Коридорот 10Д, во тек е и пренасочување на сообраќајот на патниот правец Прилеп–Битола, каде возилата се движат по регионалниот пат од клучка Лагово до Тополчани.
АМСМ препорачува дополнителна внимателност и почитување на привремената сообраќајна сигнализација на сите делници каде што се изведуваат градежни работи.


