НЕМА ДА МРДНАМ ОД ГОВОРНИЦАТА – Даути го блокираше Собранието, Села застана до неа, Мицкоски молчи

Пратеничката бара одговор за законот за правична застапеност, а седницата за пратенички прашања се претвори во нов политички судир.

НЕМА ДА МРДНАМ ОД ГОВОРНИЦАТА – Даути го блокираше Собранието, Села застана до неа, Мицкоски молчи
Фото: Принтскрин

Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците предизвика нова тензична ситуација во Собранието откако повеќепати побара премиерот Христијан Мицкоски да одговори на пратеничко прашање поставено на претходната седница. На почетокот на денешната седница за пратенички прашања, во присуство на премиерот и членовите на Владата, Даути реагираше дека веќе неколку недели не добива одговор за прашањето поврзано со новиот закон за правична застапеност, кој Владата го подготви како замена за укинатиот Балансер.

Таа оцени дека непочитувањето на обврската за одговор на пратенички прашања претставува потценување на Собранието и предупреди дека станува збор за „опасно поигрување со демократијата“. Даути неколкупати процедурално излезе на говорницата и побара Мицкоски лично да одговори. Премиерот, пак, не реагираше, туку одговори на прашањата поставени од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека Даути има право да бара одговор, но посочи дека можеби станува збор за технички проблем, бидејќи премиерот претходно најавил дека одговорот ќе го достави писмено.

„Барам премиерот да даде устен одговор. Тој го игнорира прашањето. Граѓаните не избрале тука да бидеме слуги, туку да работиме со интегритет. Нема да се тргнам од говорницата додека не добијам одговор“, порача Даути.

По нејзиното инсистирање, со неа на говорницата застана и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, како поддршка во блокирањето на продолжението на седницата. Во салата следуваше напната атмосфера, а дел од министрите, според присутните, реагираа со насмевки додека траеше расправата. Гаши потоа даде пауза од 30 минути со образложение дека треба да се смири ситуацијата.

По паузата продолжија процедуралните реакции. Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, го обвини премиерот дека намерно избегнува да одговори, со што, според него, се блокира работата на седницата.

„Ако Деловникот предвидува одговор во рок од 20 дена, не може да поминат 30 или 40 дена. Ова е стратегија на власта за бегство од пратенички прашања“, изјави Битиќи.

Даути повторно побара збор и инсистираше седницата да биде прекината сè додека не добие одговор од Мицкоски. Според неа, нема смисла пратениците да поставуваат прашања ако премиерот избира на кого ќе одговара. По новите тензии, Гаши повторно ја прекина седницата и даде дополнителна пауза. Наместо класични прашања и одговори од Владата, седницата повторно помина во знакот на процедурални блокади, расправии и политички обвинувања меѓу власта и опозицијата.

CATEGORIES
Share This