НЕ МУ ВЕРУВАМ НА МИЦКОСКИ – Огненовски за изборите и двојно државјанство
Лидерот на Демократи за можни предвремени избори и ставовите на власта и за економската состојба во земјата

Во дебатната емисија „анализа 24“ на Телевизија 24 гостуваше лидерот на партијата Демократи, Јорго Огненовски, кој истакна дека неговата партија повеќепати повикува на предвремени избори. Сепак, тој лично смета дека ваквите најави од страна на власта се само обид да се смират граѓаните и опозицијата, додавајќи дека не верува дека премиерот Мицкоски навистина ќе распише предвремени избори.
Тој се осврна и на најавените измени на Законот за пратеници, со кои би се забранило пратениците да поседуваат двојно државјанство, оценувајќи ги како дискриминаторски и удар врз Македонците во дијаспората. Според него, во светот има многу успешни луѓе кои можат да придонесат за развојот на Македонија, а со вакви законски решенија би им се ограничило учеството во државните процеси.
Како личен пример, Огненовски наведе дека и самиот има американско државјанство, прашувајќи дали тоа би значело дека треба да му се забрани политичко делување во Македонија. Тој оцени дека предложените измени се противуставни и дискриминирачки.
Дополнително, порача дека нема намера да се откаже од американското државјанство, нагласувајќи дека не се занимава со политика поради личен интерес, туку дека со своето искуство стекнато во САД сака да придонесе за доброто на сите граѓани, без разлика на нивната националност.
На крајот, Огненовски повика на обединување за, како што рече, да се надмине „злото кое владее во Македонија 35 години“, и порача дека не треба да се прави разлика меѓу граѓаните по национална и верска припадност, изразувајќи уверување дека земјата ќе се избори за слобода и демократија.
Погледнете ја целата емисија во видеото.
