НЕ ЈА ПРОПУШТАЈТЕ ОВАА ВЕЧЕР Три настани што ќе го освојат Скопје
Филм, поезија и театар на три различни локации – „Скопско лето“ носи богата програма за сите љубители на уметноста.

Утре, 15 јули, продолжува 47. издание на фестивалот „Скопско лето“ со три различни културни настани за љубителите на филмската, поетската и театарската уметност.
Во 20:15 часот, во Кинотеката на Македонија, ќе биде прикажан филмот „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски. Билетите за проекцијата се достапни преку karti.com.mk.
Половина час подоцна, во 20:30 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, публиката ќе има можност да го проследи поетско-музичкиот настан „Поетроника“ на Андреја Салпе и Оливер Митковски.
„Поетроника“ претставува современ проект кој го поврзува македонското поетско наследство со електронскиот звук, создавајќи нова димензија на познатите стихови преку музика и сценска интерпретација. Избраните дела од различни генерации автори добиваат ново звучно и уметничко изразување, со цел поезијата да биде поблиска до современата и помлада публика. И за овој настан билетите се во продажба преку karti.com.mk.
Во истиот термин, 20:30 часот, во Едукативниот културен центар Лабораториум, ќе биде изведена театарската претстава „Сина сенка“ на Независниот театар „Златен Елец“.
Претставата е во режија на Тамара Стојаноска, а автор на текстот е американскиот драмски писател Брајан Рејнолдс. Музиката ја потпишуваат Мајкл Хукер и Лука Тошев, преводот е на Сашо Огненовски.
Во актерската екипа се Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.
„Сина сенка“ е прво поставување на дело од Брајан Рејнолдс во Македонија и отвора теми поврзани со современото општество, стравот, манипулацијата и местото на човекот во системот. Преку драмскиот израз, претставата поставува прашања за влијанието на медиумите, моќта на големите структури и начинот на кој поединецот се соочува со притисоците на секојдневието.
Публиката ќе проследи приказна во која реалноста и илузијата се преплетуваат, а главната порака се насочува кон внатрешната борба на човекот со сопствените стравови и ограничувања.
Со овие три настани, „Скопско лето“ продолжува да нуди разновидна културна програма, обединувајќи ги филмот, музиката, поезијата и театарот на скопските сцени.
ТРИ ВЕЧЕРИ, ЧЕТИРИ СПЕКТАКЛИ „Скопско лето“ подготви програма што ќе го освои градот


