ПОСЛЕ 53 ГОДИНИ НА СЦЕНА Бајруш Мјаку откри зошто токму оваа претстава му била најтешка
Првата театарска премиера на „Охридско лето“ донесе силни емоции, а легендарниот актер со „Татко“ испрати моќна порака за Алцхајмеровата болест и минливоста на сеќавањата.

Првата театарска премиера на 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ донесе силни емоции и извонредна актерска игра. Во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше изведена драмата „Татко“ од Флоријан Зелер, во режија на Иван Поповски, во продукција на „Театарот на еден актер“.
Сценографијата е дело на Енес Деари, а костимографијата ја потпишува Изет Цури. Во претставата настапуваат големиот македонски актерски бард Бајруш Мјаку, кој со овој проект ја заокружува својата 53-годишна уметничка кариера, заедно со актерите Амернис Нокшиќи, Фисник Зеќири, Сабина Мемиши Асланај, Мелика Кастрати и Флакрон Алији.
Мјаку посочи дека одлуката токму со оваа претстава да го одбележи крајот на едно долго уметничко патување била тешка, но и исклучително значајна.
„Одлуката да го реализирам овој проект, односно да ја заокружам мојата 53-годишна уметничка кариера, беше болна – исто колку и ликот на таткото во драмата „Татко“ од Флоријан Зелер. Тој во поодмината возраст се соочува со болеста на заборавањето – Алцхајмер“, вели Мјаку.
Претставата ја отвора темата за губењето на сеќавањето, осаменоста и семејните односи, преку приказната за татко кој постепено ја губи врската со реалноста поради болеста. Според Мјаку, покрај големата театарска вредност на текстот, делото отвора и важно прашање за болест која сè повеќе го засега современото општество.
Соработката меѓу Бајруш Мјаку и режисерот Иван Поповски започнала пред 25 години со претставата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ.
„Ова ми е десетти проект со продукцијата. Сите проекти што сум ги реализирал досега, почнувајќи од „Дневникот на лудиот“, се покажаа како мошне успешни. Следниот, единаесетти проект, ќе биде телевизискиот филм „Татковите книги“ од покојниот Луан Старова, во режија и по сценарио на Русомир Богдановски“, додава Мјаку.
„Театар на еден актер“ – Скопје е една од најуспешните независни театарски продукции во Македонија. Нејзините претстави досега биле изведени на бројни сцени низ светот, меѓу кои Париз, Виена, Москва, Санкт Петербург, Киев, Истанбул, Адана, Кишињев, Скиен во Норвешка, Улан Батор и Њујорк.


