НАПОЛНИЛ ШИШЕ СО БЕНЗИН И ТРГНАЛ КОН АМБАСАДАТА Обвинение за пожарот во Скопје

Обвинителството тврди дека ги полеал и запалил возилата на бугарското воено аташе и други вработени, а потоа избегал од местото.

НАПОЛНИЛ ШИШЕ СО БЕНЗИН И ТРГНАЛ КОН АМБАСАДАТА Обвинение за пожарот во Скопје
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице за кривично дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“.

Според обвинението, осомничениот на 15 јуни годинава, околу 12:05 часот, пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје предизвикал пожар со кој создал значителна опасност по животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.

Во обвинителниот акт е наведено дека обвинетиот претходно на бензинска пумпа во близина на амбасадата наполнил пластично шише со бензин, по што се упатил кон дипломатското претставништво.

Откако стигнал пред амбасадата, според обвинението, со бензинот ги полеал и ги запалил паркираните возила што ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во амбасадата. По предизвикувањето на пожарот, тој го напуштил местото.

Јавниот обвинител заедно со обвинителниот акт доставил и предлог за продолжување на претходно определениот притвор. Од Обвинителството оценуваат дека и понатаму постојат причините поради кои оваа мерка била определена и продолжувана.

Како причина за продолжување на притворот се наведува опасноста обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и на тој начин да го попречи понатамошното водење на кривичната постапка.

При одлучувањето за мерката, предвидени се и висината на запретената казна, како и природата на дејствијата што му се ставаат на товар, кои, според Обвинителството, биле насочени кон сигурноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, меѓу кои и дипломатски претставници.

За кривичното дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“, согласно Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку една година.

ЕКСПРЕСНА АКЦИЈА НА МВР За неколку часа фатен осомничениот за пожарот кај бугарската амбасада

CATEGORIES
Share This