НАД 10.000 ДЕНАРИ РАЗЛИКА Министерството и синдикатот со различни пресметки за животот
Августовската потрошувачка кошница според Министерството изнесува 58.475 денари, додека синдикалната достигнува 68.676 денари. Дурмиши вели дека разликата произлегува од различните методологии.

Министерството за економија и труд воведува нова методологија за пресметка на просечната потрошувачка кошница, која треба да даде пореална и потранспарентна слика за трошоците на домаќинствата во Македонија. Според пресметките на Министерството, просечната потрошувачка кошница во август 2026 година изнесувала 58.475 денари, што е за 29 денари повеќе во однос на јули.
Новата методологија беше презентирана на денешниот брифинг со медиумите од министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој нагласи дека пресметката се темели на официјални статистички податоци, реално остварената потрошувачка на домаќинствата и пазарните цени на производите и услугите.
„Нашата цел е јасна да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации“, изјави Дурмиши.
Кошницата пораснала за 3,7 проценти од јануари
Просечната потрошувачка кошница опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалоци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.
За пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, информации од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.
Во август трошоците за храна и пијалоци изнесувале 21.132 денари, што е за 255 денари помалку отколку во јули. Сепак, во споредба со јануари 2026 година, кога просечната потрошувачка кошница изнесувала 56.381 денар, августовската вредност е повисока за околу 2.095 денари, односно за 3,7 проценти.
Разликата со синдикалната кошница е над 10.000 денари
Осврнувајќи се на разликите меѓу новата пресметка на Министерството и синдикалната минимална потрошувачка кошница, Дурмиши нагласи дека станува збор за две различни методологии кои не треба директно да се споредуваат.
Синдикалната минимална кошница за август изнесувала околу 68.676 денари, додека просечната потрошувачка кошница на Министерството била 58.475 денари. Разликата меѓу двете пресметки изнесува 10.201 денар.
Според Дурмиши, синдикалната методологија се заснова на проценети потреби на домаќинствата и вклучува трошоци за алкохол, цигари и кирија, додека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка.
Во однос на домувањето, министерот се повика на податоците од Пописот во 2021 година, според кои околу 95 проценти од населението живее во сопствен дом.
Разлики има и кај трошоците за храна и пијалоци. Според пресметката на Министерството, тие во август изнесувале 21.132 денари, наспроти 25.032 денари во синдикалната кошница. Различни вредности се забележуваат и кај облеката и обувките, образованието, домувањето и комуникациите.
„Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката“, порача министерот.
Тој додаде дека различните пресметки можат да бидат корисни за јавноста доколку јасно се објасни што покажува секоја од нив и врз кои податоци се заснова.
Од Министерството за економија и труд најавуваат дека и во наредниот период ќе ги следат движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, и ќе работат на мерки за заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.
„За нас е важно економските политики да се темелат на факти, а не на претпоставки. Само со точни и транспарентни податоци можеме да креираме политики што одговараат на реалните економски состојби и потребите на граѓаните“, истакна Дурмиши.

