НА ПАЗАР СМЕ ИЛИ НА СУДЕЊЕ Тензии во судницата за „Пулс“, судијката ѝ порача на одбраната дека можела да донесе сведоци со полиција

Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко се откажа од двајца претходно предложени сведоци, што предизвика негодување кај дел од родителите на загинатите. „Вие да не ги повлечевте, јас со полиција ќе ги донесев“, порача судијката Дијана Груевска-Илиевска.

НА ПАЗАР СМЕ ИЛИ НА СУДЕЊЕ Тензии во судницата за „Пулс“, судијката ѝ порача на одбраната дека можела да донесе сведоци со полиција
Фото: Национал

Со реакции и негодувања во судницата во затворот „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко се откажа од двајца претходно предложени сведоци. Потегот предизвика реакција кај дел од родителите на загинатите, кои од судската сала прашаа:

„На пазар сме или на судење?“

Судијката Дијана Груевска-Илиевска ѝ укажа на одбраната дека има обврска да обезбеди присуство на сведоците што самата ги предложила. Таа посочи дека, доколку одбраната не се откажела од нив, можела да нареди нивно доведување со полициска придружба.

„Вие да не ги повлечевте, јас со полиција ќе ги донесев, имам право за тоа“, изјави Груевска-Илиевска.

Судијката направи споредба со постапувањето на Обвинителството, кое ги обезбедувало сведоците за време на изведувањето на своите докази, нагласувајќи дека и одбраната има обврска да се погрижи за присуството на лицата што ги предложила. Одбраната на Јованов објасни дека дел од предложените сведоци не сакале да дојдат и да сведочат во постапката.

На денешното рочиште требаше да бидат сослушани Анастасија Соколова, која работела во дискотеката „Пулс“, и Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија.

Одбраната на првообвинетиот претходно најави сослушување на повеќе лица, меѓу кои вработена во дискотеката, пиротехничар ангажиран од „Пулс“, соработник на музичката група ДНК, угостител од Гевгелија, вработен во противпожарната служба, како и лица кои учествувале во внатрешното уредување и раното работење на објектот.

На претходното рочиште сведочеше Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, која изјави дека во дискотеката имало противпожарни апарати, панични светла и означени излези. Таа посочи дека противпожарни апарати биле поставени кај главниот влез, бината и шанковите, а панични светла имало кај повеќе излези. Според нејзиниот исказ, при посетите во објектот често забележувала полициски контроли, проверки на лични карти и контрола на влезот и излезот на посетителите.

Сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој изведувал внатрешни работи во објектот во 2012 и 2024 година. Тој изјави дека поставувал дрвени панели врз претходно изработени метални конструкции и дека при работите во 2024 година немало интервенции на покривната конструкција.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Процесот започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК.

Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Судската постапка продолжува со изведување на доказите предложени од одбраната.

CATEGORIES
Share This