МАРИН ЛЕ ПЕН ЈА ЗГОЛЕМУВА ПРЕДНОСТА Новите анкети откриваат кој е фаворит за Елисејската палата
Лидерката на Национален собир води во првиот круг, а истражувањето покажува дека има предност и во директните дуели со можните противници.

Лидерката на парламентарната група на француската десничарска партија Национален собир (RN), Марин Ле Пен, и натаму е во водство во трката за претседател на Франција, покажува најновото истражување на јавното мислење на агенцијата „Толуна Харис Интерактив“ спроведено за радио RTL. Поддршката за Ле Пен дополнително се зголемила откако таа официјално ја потврди кандидатурата за претседателските избори во 2027 година. Според анкетата, таа би освоила меѓу 34 и 36 проценти од гласовите во првиот круг, зависно од составот на останатите кандидати, со што би останала убедливо прва.
Во едно од можните сценарија, во кое учествуваат поранешниот премиер и лидер на централно-десничарската партија „Хоризонт“, Едуар Филип, и лидерот на „Ренесанса“, Габриел Атал, Ле Пен би добила 35 проценти од гласовите. На второ место би бил лидерот на „Неосвоена Франција“, Жан-Лук Меланшон, со 16 проценти, додека Филип би освоил 14, а Атал осум проценти.
Доколку Атал се повлече во корист на Филип, резултатите би биле поинакви и Филип би имал 20 проценти, Меланшон 16 проценти, а Ле Пен повторно би била прва со 34 проценти поддршка. Истражувањето покажува дека Ле Пен има предност и во вториот круг. Таа би го победила Едуар Филип со минимална разлика од 51 наспроти 49 проценти. Против Габриел Атал би остварила поубедлива победа со 55 проценти, додека против Меланшон би имала поддршка од 67 проценти.
Анкетата е спроведена на 7 и 8 јули, непосредно по објавувањето на кандидатурата на Ле Пен и по одлуката на Апелациониот суд со која била потврдена пресудата во случајот поврзан со злоупотреба на средства наменети за асистенти во Европскиот парламент. Во истражувањето учествувале 1.837 регистрирани гласачи. Според „Толуна Харис Интерактив“, значителен дел од испитаниците меѓу 22 и 34 проценти, зависно од изборното сценарио би можеле да се воздржат од гласање или да гласаат со празно или неважечко ливче во вториот круг.
СУДОТ ПРЕСЕЧЕ Марин Ле Пен осудена, но сепак ќе може да се кандидира за претседател?


