БУЏЕТОТ ПУКА ОД ПРИХОДИ – 169,9 милијарди денари во 6 месеци, еве каде се влеваат парите

Приходите растат над очекувањата, ДДВ и добивката со најсилен скок.

БУЏЕТОТ ПУКА ОД ПРИХОДИ – 169,9 милијарди денари во 6 месеци, еве каде се влеваат парите
Фото: Принтскрин

Во првите шест месеци од 2026 година, приходите во државниот Буџет достигнаа 169,9 милијарди денари, што претставува раст од 8,6 проценти во однос на истиот период лани. Реализацијата на приходната страна е над 45 проценти од годишниот план.

Презентирајќи го ребалансот на Буџетот за 2026 година пред собраниската комисија, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека јавните финансии остануваат стабилни, приходите се движат согласно проекциите, а буџетските расходи се насочени кон исполнување на законските обврски и спроведување на приоритетните развојни политики.

„Најголемиот дел од приходите се резултат на редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, од кои 43,3 милијарди денари се приходи од ДДВ, што претставува 44,7 проценти од вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход изнесуваат 17,5 милијарди денари, од данок на добивка 13,8 милијарди денари, додека по основ на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари“, посочи министерката.

Според неа, сите клучни даночни категории бележат раст во однос на минатата година. Приходите од данокот на личен доход се повисоки за 11,7 проценти, данокот на добивка е зголемен за 14,5 проценти, приходите од ДДВ за 16,4 проценти, а раст од 8,3 проценти е забележан и кај увозните давачки.

Димитриеска-Кочоска оцени дека овие показатели се доказ за континуирана економска активност, стабилно работење на компаниите, раст на платите и поефикасна наплата на јавните приходи преку мерките за намалување на сивата економија.

Во меѓувреме, социјалните придонеси, кои претставуваат клучен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем, во периодот јануари-јуни достигнаа 58,8 милијарди денари. Тоа е зголемување од 7,5 проценти во споредба со истиот период минатата година.

CATEGORIES
Share This