МОРНИЧАВ ПРИЗОР КАЈ БОГДАНЦИ Едно тело покрај автомобилот, друго во изгореното возило

21-годишно момче од Богданци било пронајдено мртво покрај опожареното возило, а второто тело било откриено во неговата внатрешност.

МОРНИЧАВ ПРИЗОР КАЈ БОГДАНЦИ Едно тело покрај автомобилот, друго во изгореното возило
Фото: Принтскрин

Две безживотни тела се пронајдени во близина на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село кај Богданци, во случај кој ја вознемири јавноста. Едното тело е на 21-годишно момче од Богданци, пронајдено покрај опожарен автомобил, додека второто било откриено во внатрешноста на целосно изгореното возило.

Случајот бил пријавен на 3 ноември, околу 18:40 часот, кога Т.К. од Богданци ја известил полицијата дека забележал запален паркиран автомобил, покрај кој лежело безживотно тело.

На местото веднаш биле испратени полициски службеници од Полициската станица Гевгелија.

„На местото на настанот било констатирано дека во близина на опожареното возило имало машко лице кое не давало знаци на живот, по што било констатирано дека станува збор за В.Г. (21) од Богданци“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Екипа на Итната медицинска помош при Општата болница во Гевгелија констатирала смрт кај младото момче.

По интервенцијата на противпожарната бригада и локализирањето на пожарот, во внатрешноста на автомобилот било забележано уште едно опожарено тело, кое не давало знаци на живот. За настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чија наредба бил извршен увид на местото.

Двете тела се предадени на обдукција, со цел да се утврдат причините за смртта и идентитетот на лицето пронајдено во автомобилот. Засега нема официјални информации за причините за избувнувањето на пожарот, ниту за околностите под кои настапила смртта на двете лица.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.

CATEGORIES
Share This