МКЕДОНСКИОТ РУБИН ТРГНУВА ВО СВЕТОТ Се отвора ново поглавје за минералното богатство на Македонија
По правната заштита, македонскиот рубин влегува во нова фаза – со изложби, едукативни програми и меѓународна промоција.

По воспоставувањето институционална заштита на македонскиот рубин како едно од автентичните минерални богатства на земјата, започнува нова фаза во неговата афирмација и промоција, заедно со целокупното геолошко наследство на Македонија.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Здружението за промоција на природните науки „Откритие“, Илија Петковски, потпишаа Меморандум за соработка со кој се обединуваат институционалните, научните и стручните капацитети за заштита, промоција и валоризација на геонаследството, минералното богатство и палеонтолошкото наследство на земјата.
Меморандумот е продолжение на активностите на Министерството за афирмација и заштита на македонското минерално богатство. По правната заштита на македонскиот рубин, следниот чекор е негово пошироко претставување пред домашната и меѓународната јавност како еден од препознатливите симболи на геолошкото наследство на Македонија.
„Македонија поседува исклучително богато геолошко наследство кое со децении било недоволно промовирано и заслужува многу поголема видливост. Нашата цел е тоа богатство да стане подостапно за јавноста, да ја развиваме научната свест и да ја доближиме геологијата до граѓаните. Особено важно е да го поттикнеме интересот кај младите за природните науки, да го развиваме геотуризмот и да покажеме дека природните богатства се дел од нашиот национален идентитет и развоен потенцијал. Македонскиот рубин е еден од највредните симболи на тоа наследство и заслужува достојно да биде претставен пред светот“, истакна Божиновска.
Соработката предвидува организирање изложби, научно-популарни настани, јавни предавања, работилници, едукативни програми и тематски поставки. Предвидено е и воспоставување партнерства со домашни и странски музеи, универзитети и научни институции со цел промоција и афирмација на македонското геолошко наследство.
На потпишувањето присуствуваше и Деан Шкартов, долгогодишен член и соработник на Здружението „Откритие“ и еден од познавачите и промоторите на македонскиот рубин. Неговата богата минералошка колекција претставува значаен придонес во афирмацијата на македонското геолошко наследство во земјата и во странство.
Како дел од партнерството, во просториите на Министерството ќе биде формиран Центар за промоција на геонаследството. Центарот е предвидено да прерасне во постојан изложбен и едукативен простор каде ќе бидат презентирани минерали, кристали, фосили и други геолошки експонати.
Преку овој центар, институциите, научната и стручната јавност ќе работат заеднички на заштита, валоризација и меѓународна промоција на македонското геолошко наследство, како и на развојот на геотуризмот и подигнувањето на свеста за природните богатства на земјата.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со оваа иницијатива уште еднаш потврдува дека природните ресурси не се само економски потенцијал, туку и национално богатство кое треба да се заштити, научно да се вреднува и достојно да се претстави пред идните генерации и пред светот“, порачаа од Министерството.


