МИСТЕРИЈА НА ГРАНИЦАТА Михаилова тврди дека легално заминала во Бугарија, МВР нема евиденција за нејзин излез од Македонија

Обвинетата во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици тврди дека ја поминала границата со лични документи и со адвокат, но македонската полиција соопштува дека во системот нема регистриран излез од државата.

МИСТЕРИЈА НА ГРАНИЦАТА Михаилова тврди дека легално заминала во Бугарија, МВР нема евиденција за нејзин излез од Македонија
Фото: Принтскрин

Нови дилеми се отвораат околу заминувањето на Ива Михаилова од Кочани во Бугарија, која е обвинета во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Додека таа тврди дека сосема легално ја преминала границата, Министерството за внатрешни работи соопштува дека нема никаква евиденција за нејзин излез од Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека биле направени проверки во системот за гранична контрола, но не бил пронајден запис за излез на Михаилова од македонска територија.

„Во однос на лицето за кое прашувате, Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопшти МВР.

Сосема поинаква верзија за заминувањето изнесе Михаилова во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ). Таа тврди дека границата ја преминала со сопствените документи, во придружба на адвокатот, и дека целата постапка била законска.

„Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме, заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија“, изјавила Михаилова.

Според нејзиното сведочење, документите биле предадени на граничните службеници, по што им било дозволено да го продолжат патувањето.

„Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување“, тврди таа.

Михаилова најавила дека треба да биде хоспитализирана во познатата софиска болница „Пирогов“, каде што ќе добие медицински третман, а потоа ќе следува период на рехабилитација.

Спротивставените информации отвораат прашања за околностите под кои Михаилова ја напуштила Македонија. Од една страна, таа уверува дека поминала редовна гранична контрола, а од друга, македонското МВР официјално потврдува дека нема регистриран излез од државата.

Засега останува неразјаснето како настанала оваа разлика меѓу нејзиното тврдење и полициската евиденција, како и дали надлежните институции ќе спроведат дополнителни проверки за да утврдат што точно се случило на границата.

КАДЕ Е ИВА МИХАЈЛОВА – МВР официјално потврди дека нема евиденција како ја напуштила Македонија

CATEGORIES
Share This