МАКЕДОНИЈА ПОЧНУВА НОВ АВТОПАТ Мицкоски најави важен чекор кон Охрид

Почнува изградбата на делницата Букојчани – Кичево, дел од големиот план за автопатско поврзување на Скопје и Охрид.

МАКЕДОНИЈА ПОЧНУВА НОВ АВТОПАТ Мицкоски најави важен чекор кон Охрид
Фото: Принтскрин

Денеска започнува изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект што треба да придонесе за целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, информира премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.

Мицкоски истакнува дека со реализацијата на повеќе автопатски проекти се создаваат услови за побрз транспорт, поголема безбедност во сообраќајот, привлекување нови инвестиции и забрзан економски развој.

„Со реализацијата на проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани, Тетово – Гостивар и Букојчани – Кичево, ја создаваме инфраструктурната основа за побрз транспорт, поголема безбедност, нови инвестиции и посилен економски развој на Македонија“, наведува премиерот.

Тој нагласува дека по години одложувања и пропуштени можности, земјата има потреба од конкретни резултати и реализација на капитални инвестиции, упатувајќи критики кон опозицијата за нејзините политички реакции.

„По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации“, порачува Мицкоски.

„Делата се нашата одлика, а развојот на Македонија е нашата обврска! Македонија се гради, се поврзува и оди напред!“, додава премиерот.

CATEGORIES
Share This