МИЛИЈАРДИ ОЧИ ВПЕРЕНИ КОН МЕКСИКО Започнува најголемиот фудбалски настан на планетата

Мексико и Јужна Африка ќе го одиграат првиот натпревар на шампионатот пред преполната „Ацтека“.

МИЛИЈАРДИ ОЧИ ВПЕРЕНИ КОН МЕКСИКО Започнува најголемиот фудбалски настан на планетата
Фото: Принтскрин

По нешто помалку од четири години од Мундијалот во Катар, вечерва започнува 23. Светско првенство во фудбал,  турнир што веќе влезе во историјата поради повеќе причини и кој во следниот месец ќе биде во центарот на вниманието на спортската јавност ширум светот.

Првиот натпревар е закажан за 21 часот на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, каде што домаќинот Мексико ќе се соочи со Јужна Африка. Пред почетокот на мечот ќе биде организирана и спектакуларна церемонија на отворање со настап на бројни светски музички ѕвезди.

„Ацтека“ дополнително ќе ја потврди својата уникатност, станувајќи првиот стадион во историјата на кој трипати се одржало свеченото отворање и првиот натпревар на едно Светско првенство. Претходно тоа се случи во 1970 година, во ерата на Пеле, и во 1986 година, кога светската сцена му припаѓаше на Диего Марадона.

Дуелот меѓу Мексико и Јужна Африка ќе биде и реприза на отворачкиот натпревар од Светското првенство во 2010 година, кога двете селекции ремизираа со резултат 1:1. Мексиканците ќе атакуваат на победа и први три бода пред својата публика, но и африканската репрезентација има свои амбиции на стартот од шампионатот.

Во рамките на групата А, вториот натпревар ќе се игра во Гвадалахара од 4 часот по полноќ, каде што ќе се сретнат Јужна Кореја и Чешка.

Време е за почеток на уште една светска фудбалска приказна и за месец исполнет со возбудувања, емоции и врвен фудбал.

ГРУПА А – ДЕНЕШНА ПРОГРАМА

Мексико Сити (21:00 часот) Мексико – Јужна Африка

Гвадалахара (04:00 часот) Јужна Кореја – Чешка

CATEGORIES
Share This