ЗАПОЧНА ОДБРОЈУВАЊЕТО ДО ОХРИД ФЕСТ 2026 Анета Љумаковска, Смиља Митревска, Елена Андонова и Мишко Крстевски меѓу ѕвездите на Фолк вечерта

МРТ и регионални телевизии ќе ја пренесуваат фестивалската магија од Охрид до милионска публика.

ЗАПОЧНА ОДБРОЈУВАЊЕТО ДО ОХРИД ФЕСТ 2026 Анета Љумаковска, Смиља Митревска, Елена Андонова и Мишко Крстевски меѓу ѕвездите на Фолк вечерта
Фото: PR Media

Кога музиката има традиција, кога песната има душа, а сцената има историја, тогаш името е само едно – „Охрид Фест – Охридски трубадури”.

Под светлата на најубавата фестивалска сцена покрај Охридското Езеро, одбројувањето до 33-тото издание на најпознатиот и најдолговечен летен музички фестивал во Македонија веќе започна. Триесет и три години „Охрид Фест” е место каде што се создаваат музички спомени, се раѓаат хитови и се испишуваат едни од најубавите страници од македонската музичка историја.

Традиционално, фестивалската приказна започнува со Вечерта на македонската фолк музика – вечер посветена на песната што ги чува нашите корени, ја раскажува нашата приказна и го пренесува духот на македонската традиција од генерација на генерација.

И оваа година сцената на Долни Сарај ќе биде домаќин на најдобрите претставници на македонската фолк музика. Пред охридската публика ќе настапат: Перо Христов, Кате Брезева и група Соната, Елена Андонова, Мишко Крстевски, Смиља Митревска, Благица Калева, Горан Тодоровски, Анета Љумаковска и Анета Бенд, Драган Николовски – Даце, Петар Нечовски, Ивана Серафимова, Ангела Влинтовска… и уште многу познати музички имиња кои со своите нови песни ќе внесат свежина во современата македонска музичка сцена.

Во вечер исполнета со искрени интерпретации и нови музички приказни, публиката ќе има можност да проследи премиерни изведби и композиции кои ќе го продолжат богатото музичко наследство создавано низ повеќе од три децении постоење на фестивалот.

Посебна тежина на фестивалот и оваа година му дава директниот телевизиски пренос на Македонската радио-телевизија, долгогодишен медиумски партнер на „Охрид Фест”. Благодарение на националниот сервис, фестивалската атмосфера од Охрид ќе стигне до домовите на гледачите низ целата држава. Покрај МРТ, фестивалот ќе биде емитуван и на повеќе реномирани телевизиски куќи од регионот, меѓу кои Хајп телевизија од Србија, Телевизија Црна Гора, Хајат телевизија од Босна и Херцеговина и CMC телевизија од Хрватска, додека во тек се разговори за вклучување и на музичката телевизија Балканика од Бугарија.

Низ фестивалската вечер публиката ќе ја води препознатливото телевизиско лице Ирена Спировска, чија професионалност, харизма и позитивна енергија со години се дел од препознатливиот фестивалски амбиент.

И по 33 години постоење, „Охрид Фест – Охридски трубадури” останува верен на својата мисија – да биде мост помеѓу традицијата и современоста, помеѓу искусните уметници и младите музички надежи, помеѓу македонската песна и публиката која ја сака.

Затоа и ова лето сите патишта повторно водат кон Охрид. Бидејќи постојат фестивали кои се посетуваат, но постојат и фестивали кои се паметат.

„Охрид Фест 2026″ – таму каде што песните стануваат спомени.

CATEGORIES
Share This