НЕОЧЕКУВАНО ПРЕД СТАРТОТ НА СП 2026 Забранети дресовите на Хаити

Светската куќа на фудбалот оцени дека дел од дизајнот може да се толкува како политичка порака и побара измени пред стартот на Мундијалот.

НЕОЧЕКУВАНО ПРЕД СТАРТОТ НА СП 2026 Забранети дресовите на Хаити
Фото: Принтскрин

Хаитската фудбалска репрезентација ќе настапи со изменети дресови на Светското првенство 2026, откако ФИФА оцени дека дел од првичниот дизајн може да се протолкува како политичка порака.

Селекцијата од КОНКАКАФ, која во сабота против Шкотска ќе го одигра својот прв натпревар во групната фаза, беше принудена да направи корекции на официјалната опрема непосредно пред почетокот на Мундијалот.

Производителот на спортска опрема „Саета“ соопшти дека во координација со Хаитската фудбалска асоцијација ги спровел сите барани измени за дресовите да бидат усогласени со правилата на ФИФА.

„Нашата цел од самиот почеток беше да создадеме дрес што ќе ги одразува гордоста, отпорноста и духот на хаитскиот народ. По повеќемесечна работа и развој на различни концепти, конечниот дизајн беше замислен како почит кон луѓето кои секојдневно придонесуваат за иднината на Хаити и никогаш немаше политичка намера“, наведоа од компанијата.

Од „Саета“ појаснуваат дека за време на процесот на одобрување, ФИФА оценила дека одредени визуелни елементи би можеле да бидат различно интерпретирани во рамки на прописите за спортска опрема, по што биле побарани измени.

„Иако ваквото толкување се разликува од нашата првична замисла, ги почитувавме процедурите и ги направивме сите потребни корекции“, додаваат од компанијата.

Спорниот детал се наоѓал на десниот дел од дресот и прикажувал силуети инспирирани од Битката кај Вертие и Хаитската револуција. Станува збор за историски мотив поврзан со настан од 1803 година, кога револуционерниот лидер Жан-Жак Десалин ја отстранил белата лента од француското знаме, поставувајќи ги темелите на идното национално знаме на независен Хаити.

Овој историски чин и денес се одбележува како Ден на знамето на Хаити, кој се слави на 18 мај.

Инаку, Хаити се пласираше на Светското првенство за првпат по настапот на Мундијалот во 1974 година, а дресовите со спорниот дизајн беа користени и на неодамнешните пријателски натпревари против Нов Зеланд и Перу.

CATEGORIES
Share This