МИЛАН СО СОЛЗИ Замина фудбалската икона Франко Барези
Легендарниот дефанзивец беше дел од златната генерација на Италија која стана светски шампион во 1982 година.

Фудбалскиот свет остана без една од своите најголеми легенди. На 66-годишна возраст почина Франко Барези, иконата на Милан и еден од најдобрите дефанзивци во историјата на италијанскиот фудбал. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот матичен клуб. Барези повеќе од една година се соочуваше со здравствени проблеми.
Целата своја професионална кариера ја мина во Милан, каде што дебитираше во 1978 година и остана цели 20 сезони. Тој беше дел и од тешките периоди на клубот, вклучително и годините кога Милан настапуваше во Серија Б.
Најголемите успеси ги оствари со славниот Милан од крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, предводен од тренерите Ариго Саки и Фабио Капело. Барези беше столбот на одбраната во која настапуваа и Паоло Малдини, Алесандро Костакурта и Мауро Тасоти. Со Милан освои шест шампионски титули во Италија и три титули европски шампион, а за клубот одигра повеќе од 700 натпревари.
За репрезентацијата на Италија настапи 81 пат и беше дел од генерацијата која во 1982 година ја освои светската титула. По завршувањето на неговата кариера, Милан го повлече дресот со број 6 во негова чест, оставајќи го трајно поврзан со името на еден од најголемите капитени во историјата на клубот.

