ФИФА САКА ПРИВАТЕН ИНВЕСТИТОР, УЕФА ВОЗВРАТИ СО БОЈКОТ Светското првенство во опасност
Џошуа Кушнер се споменува како потенцијален инвеститор, што дополнително ја разгоре дебатата.

Само еден ден откако ФИФА ја објави иницијативата за идно партнерство со приватен инвеститор, во фудбалскиот свет се разгоре жестока реакција. УЕФА и КОНКАКАФ зазедоа спротивен став кон планот на светската фудбалска организација, а според информациите, слична одлука наскоро би можела да донесе и Азиската фудбалска конфедерација.
Според првичниот став, европските репрезентации би можеле да го бојкотираат Светското првенство во 2030 година доколку претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ја реализира идејата. На страната на УЕФА застанаа и земјите од Северна и Централна Америка.
И покрај силниот отпор, ФИФА засега нема намера да се откаже од планот, објавува „Асошиејтед прес“.
„Никој не го продава фудбалот. Тоа не е нешто што ја интересира ФИФА. Ги почитуваме ставовите и загриженоста на сите страни и остануваме посветени на отворена и демократска дискусија“, соопшти ФИФА.
Тие додаваат дека разговорите биле прекинати поради, како што наведуваат, неточни медиумски извештаи. Од организацијата посочуваат дека консултациите продолжуваат и дека сакаат сите членки на ФИФА да носат одлука врз основа на фактите.
Иницијативата, позната како „FIFA Forward Enterprise“, би можела значително да ја зголеми сегашната вредност на ФИФА, проценета на околу 20 милијарди долари. Како потенцијален инвеститор се споменува инвестициската компанија на Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер и зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Токму оваа поврзаност дополнително ги засилува сомнежите во фудбалските кругови. Фановите особено ја проблематизираат блискоста меѓу Инфантино и Трамп во изминатите години, како и настаните за време на неодамнешниот турнир, кога американскиот претседател активно лобираше околу одлуки поврзани со натпреварувањето.
Отпорот на УЕФА и КОНКАКАФ, според таквите толкувања, не е само несогласување со самиот модел на приватно партнерство, туку и одраз на длабоката недоверба кон Инфантино и начинот на кој ја води ФИФА.

