МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО УДРИ ПО ВРХОВЕН „Рецидиви“ од СДСМ и ДУИ сè уште го држат правосудството

Премиерот револтиран по укинувањето на пресудата за Ласкарци: „Имаме десетици мртви, а тие ги пуштаат на слобода“.

МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО УДРИ ПО ВРХОВЕН „Рецидиви“ од СДСМ и ДУИ сè уште го држат правосудството
Фото: Принтскрин

Одлуката на Врховниот суд со која е укината пресудата за автобуската несреќа кај Ласкарци претставува големо разочарување и, според премиерот Христијан Мицкоски, е доказ дека „рецидиви и остатоци“ од претходната власт сè уште имаат влијание врз правосудниот систем.

Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија, остро ја критикуваше одлуката на Врховниот суд.

Според него, станува збор за, како што рече, „рецидиви, остатоци“ од претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.

„Тоа е последниот ресурс за заштита на таа влада и на луѓето коишто беа дел од таа влада“, изјави премиерот.

„Грчевито се борат, ги амнестираат“

Мицкоски ја спореди ситуацијата со случајот со модуларната болница, оценувајќи дека во двата случаи, според него, институциите не ја испорачале очекуваната правда.

„Гледате како грчевито се борат, ги амнестираат. Таков беше случајот со модуларната болница, така и сега со Ласкарци“, рече тој.

Премиерот потсети дека во несреќата кај Ласкарци има десетици жртви и голем број луѓе кои, како последица на трагедијата, останале со траен инвалидитет.

„Имаме десетици жртви, имаме многу луѓе коишто имаат траен инвалидитет, но за жал тоа не е доволна причина за овие малкумина судии и обвинители да застанат на страната на правдата“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека овие судии и обвинители, според него, остануваат „верни слуги“ на оние кои во минатото ги поставиле.

„Го контаминираат целиот правосуден систем“

Според премиерот, однесувањето на мал број судии и обвинители негативно влијае врз довербата во целиот правосуден систем.

„Овие малкумина судии ги контаминираат сите оние чесни судии и обвинители коишто се во нашиот правосуден систем“, рече Мицкоски.

Тој порача дека ваквите случаи треба да бидат внимателно следени и од европските партнери.

„Добро е колегите од Европската Унија да ги гледаат овие примери и да видат, кога зборуваме за правосудството, со кого ние имаме работа и со кого ние во суштина имаме предизвик да се бориме“, додаде премиерот.

„Како да е сето ова Дон Кихотовска битка“

Мицкоски ја опиша борбата против, како што ги нарече, остатоците од претходниот систем како исклучително тешка.

„Понекогаш имам и чувство дека со ветерници се бориме, како да е сето ова Дон Кихотовска битка“, изјави тој.

Според него, додека институциите преземаат мерки и приведуваат лица, судовите во одредени случаи носат одлуки со кои тие повторно се ослободуваат.

„Вие бркате, затворате, тие ги пуштаат на слобода луѓе за коишто постои основано сомнение, односно правосилна судска пресуда, и како последица на нивното работење имаме повеќе десетици мртви, како ништо да не било“, рече Мицкоски.

Тој оцени дека ваквиот пристап претставува „големо разочарување“, не само за него туку и за граѓаните.

„Правдата мора на крај да победи“

И покрај критиките кон правосудството, премиерот порача дека Владата нема да се откаже од борбата за, како што рече, правда.

„Нема да се откажеме и ќе продолжиме да се бориме. Правдата мора на крај да победи и ќе победи“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
Share This