МИЦКОСКИ ОТКРИ КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР Две локации се во игра
Премиерот откри дека Владата размислува за платото пред или зад базенот „Борис Трајковски“, а конечното решение ќе биде донесено наскоро.

Новиот клинички центар е планирано да биде изграден на платото пред или зад базенот „Борис Трајковски“ во Скопје. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврофизиологија.
„Тоа се двете можности за кои размислуваме и преговараме. Многу бргу ќе имаме конечно решение, а како сето тоа ќе биде интегрирано, допрва ќе носиме одлука“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата во моментов ги разгледува двете можни локации, а дополнително ќе биде донесена одлука за начинот на кој целиот комплекс ќе биде интегриран.
Во однос на Градската општа болница „8 Септември“, Мицкоски најави дека наскоро ќе бидат објавени повеќе детали.
Еврообврзницата ќе се издава во март или април
Говорејќи за еврообврзницата, премиерот најави дека таа се очекува да биде објавена во март или април следната година.
Тој рече дека сè уште не е одлучено дали еврообврзницата ќе биде поделена во два купона или ќе биде издадена како еден купон.
„Дали ќе биде во два купона или еден, ќе видиме, во зависност од информацијата што ќе ни ја дадат брокерите што ќе бидат ангажирани од државата за изнаоѓање инвеститори, условите што ќе ги понудат и интересот на пазарот“, рече Мицкоски.

