МИЦКОСКИ УДРИ ПО ПРОТИВНИЦИТЕ Имаа 20 години, оставија нула

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува над 4.000 гласа и победа во Брвеница, а политичките противници ги обвини дека со етнички поделби се обидуваат да освојат уште едно градоначалничко место.

МИЦКОСКИ УДРИ ПО ПРОТИВНИЦИТЕ Имаа 20 години, оставија нула
Фото: Принтскрин

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изрази оптимизам во пресрет на вториот круг од локалните избори во Брвеница, нагласувајќи дека неговата партија во секоја изборна трка влегува со јасна цел победа. Одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од изборниот резултат, Мицкоски најави завршно обраќање пред жителите на општината и откри колкав број гласови очекува да освои ВМРО-ДПМНЕ.

„Во првиот круг имавме најмногу гласови, речиси 3.000. Сега очекуваме тој број да го зголемиме. Нашата цел е да бидеме над 4.000 гласа и со тоа цениме дека ќе имаме победа во Брвеница“, изјави Мицкоски.

Премиерот упати критики до политичките партии што се обединиле околу противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги дека во изборната кампања се обидувале да создадат етнички поделби. Според него, таквиот пристап е неодговорен кон граѓаните кои и по завршувањето на изборите ќе продолжат да живеат заедно.

„Ние се обраќавме на жителите на Брвеница, додека тие создаваа етничка поделба, без да водат сметка дека политичарите ќе заминат, а таму ќе останат луѓето заедно да живеат – и Македонци и Албанци, и останати, и христијани и муслимани“, истакна Мицкоски.

Тој оцени дека станува збор за кампања која не доликува на 21 век, додавајќи дека неговите политички противници веројатно сметаат дека со таквата стратегија можат да обезбедат градоначалничко место повеќе.

Во своето обраќање Мицкоски ги повика жителите на Брвеница внимателно да одлучат кому ќе му ја дадат довербата во вториот круг. Тој направи споредба меѓу политичките структури кои, како што рече, имале повеќе од две децении можност да реализираат проекти и актуелната власт, за која тврди дека ги спроведува работите што претходно биле запоставени.

„Граѓаните треба да одлучат дали ќе го дадат својот глас за оние кои имаа можност повеќе од две децении да направат нешто, а не направија ништо, односно оставија нула, или за оние кои сега го прават сето она што во минатото не било направено“, порача премиерот.

Мицкоски нагласи дека изборната кампања треба да се темели на конкретни проекти, развој и подобрување на животниот стандард, наместо на етнички прашања и поделби. Според него, политичарите треба да се натпреваруваат со идеи кои ќе донесат дополнителна вредност во секојдневниот живот на граѓаните.

„Ако сакаме да одиме напред, мораме да зборуваме за проект повеќе и за додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, а не да се враќаме на политики од минатиот век“, истакна Мицкоски.

Тој оцени дека етничките поделби претставуваат политички инструмент за опстанок на оние кои, според него, немаат што друго да им понудат на граѓаните.

На крајот од обраќањето, премиерот изрази очекување дека вториот круг од изборите ќе помине во мирна и демократска атмосфера, без поголеми инциденти.

„Во недела ќе видиме каков ќе биде резултатот. Очекувам денот да помине мирно, да нема поголеми инциденти и на тој начин да покажеме дека сме зрела демократија“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека мирот во Македонија не е доведен во прашање, за разлика од тензичните состојби кои, според него, се забележуваат во дел од соседството и во повеќе европски градови.

CATEGORIES
Share This