МИЦКОСКИ СО СИЛНА ПОРАКА ЗА 5 МАЈ – Јазикот е душата на народот
Премиерот порача дека јазикот е темел на националниот и духовниот идентитет.

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, нагласувајќи дека македонскиот јазик претставува темел на духовниот и националниот идентитет.
Во честитката се истакнува дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и живо сведоштво за долгата историска традиција, чувар на колективната меморија и силен израз на културната и националната посебност. Во неговите зборови, како што наведува Мицкоски, се содржани борбите, надежите и стремежите на генерациите кои придонеле за неговото зачувување и развој.
Тој посочува дека денес обврската на општеството е да го негува, унапредува и достоинствено да го претставува македонскиот јазик, како во земјата, така и надвор од неа.
Во пораката се нагласува и дека во услови на современи предизвици потребни се мудрост, единство и цврста посветеност на вредностите што го обликуваат општеството. Според него, државата останува определена за заштита и афирмација на македонскиот јазик како значајно културно и историско наследство, но и како заедничка иднина.
„Нека 5 Мај биде потсетник дека преку јазикот ја чуваме душата на народот. Честит Ден на македонскиот јазик“, се наведува во честитката.
