МИЦКОСКИ СО ПРИЗНАНИЕ – Наследивме тежок товар, но не се откажавме

Мицкоски порача дека Владата нема да прифаќа „понижувачки“ услови на патот кон Европската унија.

МИЦКОСКИ СО ПРИЗНАНИЕ – Наследивме тежок товар, но не се откажавме
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека најголемиот предизвик во изминатите две години од мандатот е справувањето со „товарот од минатото“, истакнувајќи дека Владата мора да менаџира состојби и проблеми што не ги создала, но мора да ги решава за да не остави уште поголеми последици за идните генерации.

Тој нагласи дека успехот на една влада се мери и по тоа дали создава нови проблеми, додавајќи дека вистинската вештина е да се решат наследените предизвици. Како тежок момент ја посочи трагедијата во Кочани, но и кризата во Заливот, која, според него, влијаела врз економијата и политиката. Сепак, Мицкоски тврди дека Владата успеала стабилно да ја менаџира ситуацијата без ограничувања во снабдувањето со гориво и со задржување на најниски цени на горивата во регионот.

Премиерот посочи дека Северна Македонија бележи шест квартали по ред економски раст над 3,5 проценти, а според проценките на ММФ, годинава номиналниот БДП треба да достигне околу 22 милијарди долари.

Како клучен предуслов за повисок економски раст, Мицкоски го издвои инфраструктурното поврзување, оценувајќи дека најголемата компаративна предност на државата е позицијата на Коридорите 8 и 10. Тој најави интензивна реализација на патната и железничката инфраструктура, вклучително и довршување на Коридорот 8, реконструкција на железничката пруга Табановце-Гевгелија и изградба на гасни интерконектори со Грција и Србија.

Според него, државата треба да стане регионална раскрсница за патен, железнички и енергетски транспорт, што ќе ја направи поатрактивна за инвестиции и економски развој.

Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски рече дека Владата избрала „потежок, но достоинствен пат“ кон членство во ЕУ, нагласувајќи дека нема да прифаќа решенија што ги смета за понижувачки.

На крајот од обраќањето, тој ја пофали организацијата Македонија 2025 како важен промотор на државните интереси во светот и повика на поголема национална обединетост и поактивна борба за, како што рече, „македонската вистина“ на меѓународната сцена.

CATEGORIES
TAGS
Share This