БРИТАНСКАТА ВЛАДА ВО РАСПАД – Премиерот Стармер под огромен притисок
Притисок од Лабуристичката партија расте по катастрофалните локални избори.

Мијата Фанбулех стана првата министерка што поднесе оставка во владата на Кир Стармер и воедно го повика британскиот премиер да се повлече од функцијата.
Оставката доаѓа по тешките порази на Лабуристичката партија на локалните избори, кои предизвикаа сериозен политички притисок врз Стармер и зголемени повици за негова оставка, пренесува „Гардијан“.
Фанбулех, која е блиска со министерот за енергетика Ед Милибанд, порача дека премиерот треба да „ја направи вистинската работа за земјата и партијата“ и да постави јасен распоред за уредна транзиција на власта. Таа оцени дека резултатите од локалните избори покажуваат дека премиерот ја изгуби довербата кај јавноста.
Притисокот врз Стармер дополнително расте, откако повеќе од 70 лабуристички пратеници јавно побараа негова оставка по изборните неуспеси во Англија, Велс и Шкотска.
Во исто време, дел од неговите најблиски соработници не даваат јасни гаранции дека тој ќе остане лидер на партијата до следните избори. Главниот секретар на премиерот, Дарен Џонс, изјави дека Стармер „ги слуша колегите“, но дека конечната одлука е негова, избегнувајќи директен одговор за неговата политичка иднина.
И покрај кризата, во кабинетот има поделени ставови. Дел од министрите разговарале за можноста за уредна транзиција, додека други го охрабруваат Стармер да продолжи со работа и да се спротивстави на притисоците.
Самиот Стармер порача дека нема намера да поднесе оставка и дека ќе се бори против критиките, нагласувајќи дека не сака политички хаос во земјата.
И покрај кризата, владата најави дека ќе продолжи со редовното функционирање, вклучително и со планираните седници и законодавната агенда.
