МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ПО СТРАШНОТО НЕВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ Штетите ќе бидат надоместени

Над 9.000 повици на 112, 117 оштетени возила, 189 паднати дрвја и десет повредени лица – невремето остави сериозни последици низ Скопје

МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ПО СТРАШНОТО НЕВРЕМЕ ВО СКОПЈЕ Штетите ќе бидат надоместени
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека материјалната штета предизвикана од силното невреме што вчера го зафати Скопје ќе биде проценета, а надоместот ќе се реализира согласно законските процедури и досегашната практика. Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата има механизми за помош на граѓаните и институциите погодени од невремето, Мицкоски порача дека државата нема да ги остави сами да се справуваат со последиците.

„Никогаш оваа Влада не ги оставила граѓаните сами да се снаоѓаат. Им благодарам на институциите и на градоначалниците кои во текот на ноќта, веднаш по епското невреме што го зафати Скопје, излегоа на терен и заедно со надлежните служби започнаа со санирање на штетите. Активностите ќе продолжат и денеска. Штетите ќе бидат констатирани и, согласно законските процедури и досегашната практика, ќе бидат надоместени од надлежните институции“, изјави Мицкоски.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, невремето предизвикало најголеми последици во подрачјето на СВР Скопје. До 22 часот биле регистрирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и десет повредени лица. Силното невреме оштетило и повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објекти на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство. Поради протекување на кровот на ГП „Меѓународен аеродром Скопје“, околу час и половина бил прекинат и излезот од државата.

За сериозноста на состојбата сведочи и бројот на повици до Единствениот број за итни повици 112. Само во Скопскиот регион, по 17 часот биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани, од кои најголемиот дел биле поврзани со последиците од невремето. Помош во здравствените установи побарале десетици граѓани. Во Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ биле прегледани 22 пациенти, од кои двајца се задржани на болничко лекување.

Во Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), пак, медицинска помош побарале 11 лица, од кои тројца се здобиле со посериозни скршеници.

СКОПЈЕ ПО НЕВРЕМЕТО 117 возила оштетени, 189 дрвја паднати, 10 лица повредени – штетите се огромни

CATEGORIES
Share This