МИЦКОСКИ ПОТВРДИ Денеска Муцунски и Петрова на средба во Софија – „Само со дијалог до решение“

Премиерот најави разговор за односите со Бугарија, а за постепената интеграција во ЕУ вели: „Од трите услови, две имаме“.

МИЦКОСКИ ПОТВРДИ Денеска Муцунски и Петрова на средба во Софија – „Само со дијалог до решение“
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека денеска во Софија ќе се одржи билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова Чамова.

Средбата ќе се одржи во рамки на меѓународната конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, а точниот формат и начинот на одржување дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.

Тој порача дека Македонија е за дијалог и добрососедски односи и оти преку разговори треба да се бара решение за актуелната состојба.

„Нашите пораки се јасни и само со дијалог можеме да дојдеме до решение за состојбата во која се наоѓаме во моментот. Ние сме за добрососедски односи и сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел да бидеме дел од Европската Унија, што е нешто што многу одамна го заслуживме“, рече премиерот.

Во однос на плановите на Европската комисија за промена на правилата за проширување, со што можноста за блокирање на земја кандидат од одделна членка би се поместила кон завршницата на пристапниот процес, Мицкоски оцени дека во Брисел е препознаен проблемот со билатералното условување.

Според него, постои тенденција некои земји членки да го користат своето членство за отворање прашања што, како што рече, немаат врска со европските вредности и со принципот на пристапување според заслуги.

Мицкоски посочи и дека постепената, односно градуалната интеграција, може да биде значајна можност за Македонија. Тој објасни дека, според концептот за постепена интеграција, би требало да се исполнат три услови.

Првиот би се однесувал на реформите специфични за секоја држава, кои допрва треба да бидат усогласени со Европската комисија. Вториот е поврзан со заедничката безбедносна и одбранбена политика, додека третиот се однесува на реформите во системот на јавни набавки.

„Од трите, две имаме, а за првото чекаме што е тоа што за нас како држава ќе биде доставено од Европската комисија. Ние сè ќе сториме за да го исполниме тоа и да почне градуалната, постепената интеграција“, рече Мицкоски.

Премиерот ја поврза предложената постепена интеграција со барањето на Македонија промената на Уставот да стане применлива во моментот кога земјата ќе ги заврши пристапните преговори.

На критиките од опозицијата дека Владата не презема доволно за евроинтеграциите, Мицкоски одговори дека не сака да ја коментира опозицијата, обвинувајќи го нејзиното раководство за лични напади.

„Ќе дојде ден кога ќе се срамат за тоа што денеска им го прават и на граѓаните и на Македонија“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
Share This