МИЦКОСКИ НАЈАВИ БЕСПЛАТНА ЛИНИЈА – СДСМ возврати „Кај нас веќе е отворена“

Од СДСМ обвинија дека најавената бесплатна линија за пријавување корупција е копија на кампањата во Србија и го обвинија премиерот за политичко влијание врз обвинителството и медиумите.

МИЦКОСКИ НАЈАВИ БЕСПЛАТНА ЛИНИЈА – СДСМ возврати „Кај нас веќе е отворена“
Фото: СДСМ

Мицкоски вчера ги повика граѓаните да пријавуваат корупција и најави отворање бесплатна телефонска линија, но од СДСМ денеска обвинија дека станува збор за директно копирање на кампањата што во моментов се спроведува во Србија. На денешната прес-конференција, Кети Штерјова од СДСМ рече дека ваквиот потег на премиерот е само уште еден пример за, како што оцени, пресликување на политичките методи на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Ова е директна копија на кампањата што токму сега се води во Србија. Мицкоски не мора да се замара. Линијата за пријава кај нас е веќе отворена – веќе шест месеци стои на веб-адресата Micko.mk. Да го известиме дека и него веќе го пријави половина Македонија“, изјави Штерјова.

Таа додаде дека, според неа, граѓаните веќе имаат доволно причини за пријави и упати обвинувања до премиерот и неговите соработници. Штерјова оцени и дека најголемиот проблем е политичкото влијание врз институциите, особено врз судството и обвинителството. Според неа, ваквата состојба е причина за критиките во извештаите на Европската комисија во делот на владеењето на правото.

„Единствен проблем е што, исто како Вучиќ во Србија, Мицкоски го приватизираше Обвинителството. На обвинителот му се јавува на телефон, му се даваат задачи од собраниската говорница или преку медиумите“, рече Штерјова.

Од СДСМ истовремено обвинија дека, покрај политичките методи, во земјава се пресликува и моделот на медиумско влијание што, според нив, постои во Србија.

„Групата „Ало“, поврзана со „Информер“ и другите провладини медиуми од Србија, пристигнува во Скопје. По веќе воспоставената медиумска мрежа на над 40 отсто од Орбановите медиуми, сега следува уште поголема концентрација на медиумско влијание“, изјави Штерјова.

СДСМ оцени дека ваквите процеси претставуваат опасност за независноста на институциите и медиумскиот плурализам во земјата.

CATEGORIES
Share This