МИЦКОСКИ: ЈА ИСКРИВУВААТ ВИСТИНАТА Што навистина му кажала Фон дер Лајен?
Премиерот тврди дека средбата со претседателката на Европската комисија била исклучително квалитетна и пријателска и најави интензивирање на реформите и евроинтегративниот процес.

Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека опозицијата и медиумите блиски до неа ја искривуваат вистината за неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Одговарајќи на новинарско прашање во Теарце, Мицкоски изјави дека разговорот бил „исклучително квалитетен, содржаен и пријателски“, а пораките од Фон дер Лајен, според него, се дополнителен мотив за продолжување на реформскиот процес.
„Јас кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она кое во иднина претставува посветеност лична и посветеност на ЕУ, мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Фон дер Лајен упатила позитивни оценки за работата на Владата во делот на реформите и евроинтеграциите.
„Претседателката Фон дер Лајен, како никогаш досега кажа дека оваа Влада прави инспиративна работа, еве да ја цитирам, за реформите и за сето она кое што е посветено на приклучување на државата кон ЕУ“, изјави премиерот.
Мицкоски очекува во периодот што следи да се интензивира процесот на европска интеграција и да се најде решение за актуелната ситуација во која се наоѓа земјата.
„Очекувам дека во периодот кој што следи, конечно ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме“, додаде тој.

