МИЦКОСКИ ДО СДСМ Жалам што се препознавте во талогот – вие тонете во политичко мочуриште, ние работиме
Нов остар вербален судир меѓу власта и опозицијата. Мицкоски не отстапува од својата изјава за „талогот“ и „елитата“, а на реакциите од СДСМ возврати со порака дека партијата сама се препознала во неговите зборови.

Премиерот Христијан Мицкоски повторно се осврна на својата изјава за „талогот“ и „елитата“, која предизвика остри реакции од СДСМ. Според него, опозициската партија самата се препознала во неговите зборови.
„Жалам што СДСМ се препознава во талогот, но јас многу прецизно реков дека талогот не смее да ја победи елитата. Ако талогот ја победи елитата и стане елита, тогаш вистинската елита ќе си замине, а тоа не е добро“, изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека од СДСМ во континуитет добива навреди, обвинувања и, како што рече, невистини, но посочи дека никогаш не излегол јавно да се жали поради политичките напади.
„Без исклучок, сè е лага. Ниту еднаш не сум излегол на отворена сцена да плачам, цимолам и да се жалам пред граѓаните“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека јавните функционери мора да бидат подготвени да се соочат и со, како што ја нарече, „лажна и клеветничка кампања“, но наместо да се жалат, треба да се фокусираат на работата и резултатите.
„Ние сме јавни личности и треба да ги засукаме ракавите и да го испорачаме тоа што им е потребно на граѓаните“, порача премиерот.
Мицкоски истовремено упати порака до опозицијата дека политичките пресметки нема да ја променат работата на власта.
„Тие нека тонат во нивното политичко мочуриште, а ние ќе продолжиме да испорачуваме“, додаде Мицкоски.

