МИЦКОСКИ ДО БРУЦОШИТЕ Каде и да одите, вратете се дома и борете се за Македонија

Премиерот им порача на студентите дека вистинскиот живот не е на социјалните мрежи, туку во борбата за семејството и татковината.

МИЦКОСКИ ДО БРУЦОШИТЕ Каде и да одите, вратете се дома и борете се за Македонија
Фото: Принтскрин

Обраќајќи им се на новата генерација бруцоши, Мицкоски настапи како колега и професор, споделувајќи дел од своите студентски искуства и периодот на меѓународно усовршување во Италија, Германија и Австрија.

Тој посочи дека младите треба да го запознаваат светот, да стекнуваат знаење и искуства, но притоа да не забораваат на својата земја.

„Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот –  тоа не е точно. Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија“, порача Мицкоски.

Според него, патувањата и искуствата стекнати во странство треба да бидат можност за младите да се надградуваат, но крајната цел треба да биде враќањето дома.

„Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот – Македонија“, им порача премиерот на студентите.

Навраќајќи се на своите студентски почетоци, Мицкоски рече дека животот го однел во различни средини и европски градови, но дека родната земја секогаш му била водилка.

„Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот“, рече тој.

Како пример ги посочи и своите два сина, Јован и Антониј, за кои, како што рече, сака да стекнуваат знаење, да патуваат, да го запознаат светот и да ги искористат можностите што ќе им се укажат, но на крајот да се вратат дома.

„На крајот, да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија“, рече Мицкоски.

Премиерот упати порака и до професорите, нагласувајќи ја нивната одговорност во образованието и формирањето на новите генерации.

„Од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци и сè она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот“, истакна Мицкоски.

Тој ги повика професорите да бидат не само пренесувачи на знаење, туку и педагози и пример за студентите.

„Бидете тоа што треба да бидете, бидете нивните педагози и нивниот пример како понатаму во животот треба тие да бидат пример за своите деца и за своите семејства“, порача премиерот.

На бруцошите им посака успешни студии, нови знаења и години исполнети со дружење и личен развој.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски, им посака добредојде на новите студенти, истакнувајќи дека денешниот ден ќе го паметат целиот живот.

„Да се биде дел од академската заедница е чест, но и одговорност. Универзитетот не е место само каде што се добива диплома. Тоа е место каде што се поставуваат прашања, се преиспитуваат вистини и се раѓаат идеи за иднината“, рече Мираковски.

CATEGORIES
Share This