МАСК ДОБИВА НОВА МОЌНА УЛОГА ВО ПЕНТАГОН Ќе го креира оружјето на идните војни
Милијардерот заедно со Палмер Лаки и Њут Гингрич ќе го предводи проектот „Меридијан“, кој треба да утврди кои технологии и воени капацитети ќе ѝ бидат потребни на американската армија во идните конфликти.

Американскиот милијардер Илон Маск ќе преземе нова улога во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како еден од лидерите на проектот „Меридијан“ на Пентагон, чија цел е да ги идентификува оружјата, технологиите и воените капацитети што ќе ѝ бидат потребни на американската армија за идните конфликти.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет соопшти дека Маск ќе го води проектот заедно со милијардерот и инвеститор во воената технологија Палмер Лаки и поранешниот претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич.
Проектот ќе се фокусира на анализа на идните области на војување, како и на технологиите и капацитетите што САД треба да ги развијат или обезбедат за да одговорат на идните воени предизвици.
Според „Фокс њуз“, со проектот оперативно ќе раководи Емил Мајкл, директор за технологија во американското Министерство за одбрана.

