МАРОКО ОБЈАВИ Финалето на СП 2030 е наше – ФИФА веднаш ги демантираше
Мароканската федерација тврди дека Бенслиман ќе биде домаќин на големото финале, но ФИФА порача дека одлуката сè уште не е донесена.

Мароканската фудбалска федерација во четвртокот објави дека финалето на Светското првенство во 2030 година ќе се игра во Мароко, но ФИФА експресно ги демантираше информациите и порача дека конечната одлука сè уште не е донесена.
Светското првенство во 2030 година ќе го организираат Шпанија, Португалија и Мароко, но останува отворено најважното прашање, каде ќе се одигра финалето.
Шпанија подолг период лобира финалниот натпревар да се игра на нејзина територија. Од таму дури порано беше најавено дека Мадрид нема да има улога на главен прес-центар доколку финалето не ѝ биде доделено на Шпанија.
Од друга страна, Мароко води силна кампања за домаќинството на финалето, а во лобирањето, според извештаите, бил вклучен и американскиот претседател Доналд Трамп.
Мароканците во четвртокот отидоа чекор понатаму и објавија дека финалето веќе им е доделено.
„Градот Бенслиман ќе биде домаќин на финалето на Светското првенство. Можете да ви се допаѓа или не. Ако некој сака да зборува за тоа, нека зборува. Градот Бенслиман, стадионот „Хасан II“ и се надевам дека Мароко ќе игра во тоа финале“, изјави претседателот на Мароканската фудбалска федерација, Фузи Лакџа, пренесува Асошиејтед прес.
Стадионот „Крал Хасан II“, кој сè уште е во изградба, е планиран да биде еден од најголемите фудбалски стадиони во светот. Сепак, на изјавата на Лакџа експресно реагираше ФИФА.
Портпаролот на светската фудбалска федерација порача дека одлуката за домаќинот на финалето сè уште не е донесена.
„Одлуката наскоро ќе биде донесена, како што беше објавено на 5 август“, соопшти ФИФА.
На 5 август ФИФА исто така ги демантираше пишувањата на британските медиуми дека претседателот Џани Инфантино наводно му ветил на Мароко дека ќе го добие домаќинството на финалето во замена за поддршка за неговиот реизбор. Така, и покрај самоуверената најава од Мароко, битката за финалето на Мундијалот 2030 очигледно сè уште не е завршена.

