МАЛКУ НА БРОЈ, ОГРОМНИ ВО ЕКОНОМИЈАТА Странските компании создаваат 37% од додадената вредност

Само 4,7% од претпријатијата се под странска контрола, но кај нив се ангажирани речиси четвртина од вработените.

МАЛКУ НА БРОЈ, ОГРОМНИ ВО ЕКОНОМИЈАТА Странските компании создаваат 37% од додадената вредност
Фото: Принтскрин

Во 2024 година во деловниот сектор во Македонија биле активни 3.280 странски филијали, односно домашни претпријатија контролирани од странски субјекти. Тие претставувале 4,7 проценти од вкупниот број деловни субјекти, но имале значително поголемо учество во вработеноста и создавањето додадена вредност, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Странските филијали ангажирале 105.151 вработен, што претставува 24,2 проценти од вкупниот број вработени во деловниот сектор. Во исто време, тие создале 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност.

Вкупниот промет остварен од странските филијали во 2024 година изнесувал 802,8 милијарди денари, додека додадената вредност по фактор на трошок достигнала 183,76 милијарди денари.

Преработувачката индустрија носи најголем дел од додадената вредност

Најголемо учество во додадената вредност на домашните претпријатија под странска контрола има преработувачката индустрија со 35,3 проценти. Во овој сектор работеле 381 претпријатие со 51.214 вработени. Тие оствариле промет од 318,14 милијарди денари и додадена вредност од 64,94 милијарди денари.

Секторот „Информации и комуникации“ учествувал со 16,7 проценти во додадената вредност. Во него работеле 417 претпријатија со 11.466 вработени, со остварен промет од 53,12 милијарди денари и додадена вредност од 30,78 милијарди денари.

Трговијата на големо и мало, заедно со поправката на моторни возила и мотоцикли, учествувала со 11,5 проценти во додадената вредност. Во овој сектор биле регистрирани 926 странски филијали со 12.664 вработени, кои оствариле промет од 202,23 милијарди денари и додадена вредност од 21,04 милијарди денари.

Во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација биле активни 127 претпријатија со 2.384 вработени. Тие оствариле промет од 116,28 милијарди денари и додадена вредност од 11,49 милијарди денари.

Најголем дел од странската контрола доаѓа од Европа

Според земјата на крајниот контролор, дури 92,8 проценти од странските филијали биле под контрола на субјекти од европски земји. Земјите членки на Европската Унија контролирале 44,6 проценти од странските филијали. Во овие компании биле ангажирани 62,8 проценти од вработените во странските филијали, а тие учествувале со 61,9 проценти во нивната додадена вредност.

Меѓу поединечните земји, најголемо учество во додадената вредност имале странските филијали под контрола на Австрија со 17,4 проценти. Следуваат Холандија со 11 проценти, Германија со 9,7 проценти и Обединетото Кралство со 9 проценти.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека, иако странските филијали претставуваат релативно мал дел од вкупниот број претпријатија, нивното учество во вработеноста, прометот и создавањето додадена вредност е значително поголемо.

CATEGORIES
Share This