МАКЕДОНСКИОТ КОМПОЗИТОР И ПРОДУЦЕНТ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО за престижната регионална награда „Милан Младеновиќ” со „Чекор”
Самото влегување меѓу најдобрите 47 композиции во регионот претставува значајно признание за Darkoff и уште една потврда дека неговиот автентичен музички израз успешно го привлекува вниманието и надвор од границите на Македонија.

Македонската електронска музичка сцена доби уште едно значајно регионално признание. Композицијата „Чекор” на македонскиот композитор и музички продуцент Darkoff се најде меѓу 47-те избрани песни кои продолжуваат во трката за престижната регионална Награда „Милан Младеновиќ” 2026, што се доделува за најдобра авторска песна создадена на просторот на поранешна Југославија.
На овогодинешниот конкурс пристигнале 173 валидни пријави, а петчленото регионално жири во првиот круг издвоило само 47 композиции кои ќе конкурираат за влез во финалето. Меѓу нив се најде и „Чекор”, со што Darkoff се вброи меѓу најинтересните современи музички автори од регионот.
„Чекор” е песна која веднаш по објавувањето привлече внимание кај љубителите на современиот електронски звук, но и на домашните радиостаници. Композицијата доби значителна поддршка во етерот, особено на Urban FM, каде што беше забележана како едно од највпечатливите нови домашни изданија. Зад текстот стои една од најценетите македонски авторки од поновата генерација – Дина Јашари, која во 2022 година ја освои токму Наградата „Милан Младеновиќ” со својот сингл „Дома”. Нејзиниот препознатлив авторски израз совршено се надополнува со модерната електронска продукција на Darkoff, додека вокалната интерпретација ја носи младата џез-пејачка Сара Ташкоска, чиј емотивен и суптилен вокал ѝ дава дополнителна длабочина на композицијата.
Покрај Darkoff, Македонија во полуфиналната селекција ја претставуваат и Премин, како и VecVajsVers feat. Laz Vegjas, Eda, што уште еднаш потврдува дека македонската авторска сцена е сè позабележителна во регионални рамки.
Во текот на јули, стручното жири ќе ги избере 12-те финалисти, чии песни ќе бидат објавени на традиционалната промотивна CD-компилација на Фондацијата „Милан Младеновиќ”, проект чија цел е афирмација на најдобрите нови автори и музички остварувања од поранешна Југославија. За конечниот победник ќе одлучува стручно жири составено од Павица Чабријан, Немања Ѓорѓевиќ, Лада Фурлан Заборац, Јован Матиќ и Ана Радоњиќ – Zoe Kida.
Осмиот добитник на Наградата „Милан Младеновиќ” ќе биде прогласен на 21 септември 2026 година во Белград – датум кој традиционално се совпаѓа со роденденот на легендарниот српски рок музичар Милан Младеновиќ, фронтмен на култната група Екатерина Велика. Самото влегување меѓу најдобрите 47 композиции во регионот претставува значајно признание за Darkoff и уште една потврда дека неговиот автентичен музички израз успешно го привлекува вниманието и надвор од границите на Македонија.



