МАКЕДОНИЈА ПОДГОТВИУВА ПРАВНА РАМКА ЗА РАЗВОЈ НА ДАТА-ЦЕНТРИ И ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Првиот државен национален центар веќе во подготовка

Државите кои одржуваат сериозен раст на бруто домашниот производ го прават тоа токму заради развојот на вештачката интелигенција и податочните центри. Прашањето е дали ние ќе фатиме чекор или ќе заостануваме.

МАКЕДОНИЈА ПОДГОТВИУВА ПРАВНА РАМКА ЗА РАЗВОЈ НА ДАТА-ЦЕНТРИ И ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Првиот државен национален центар веќе во подготовка

Вештачката интелигенција и развојот на податочните центри се меѓу клучните приоритети на Владата во насока на забрзување на дигиталната трансформација и економскиот развој на државата. Владата работи на создавање соодветна правна и административна рамка за привлекување инвестиции во овие сектори, а веќе се преземаат конкретни чекори и за изградба на првиот државен национален податочен центар.

Ова го истакна заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски, на 21. годишна конференција на МАСИТ, посочувајќи дека вештачката интелигенција не е технологија на иднината, туку реалност и голема развојна можност што државата треба да ја искористи.

Според Николоски, стратешките цели на државата во оваа област се утврдени во Стратегијата за развој на ИКТ „SMART MK 2030“, која дава конкретни насоки за примена на дигиталните процеси и напредните технологии.

Тој нагласи дека инвестициите во податочни центри претставуваат важна економска можност, поради што Владата веќе направила законски измени во Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои се создаваат услови за развој на ваква инфраструктура.

„Државите кои одржуваат сериозен раст на бруто домашниот производ го прават тоа токму заради развојот на вештачката интелигенција и податочните центри. Прашањето е дали ние ќе фатиме чекор или ќе заостануваме“, истакна Николоски.

Тој информираше дека Владата, заедно со Министерството за дигитална трансформација, веќе работи на подготовка за развој на првиот државен национален податочен центар. Според него, поминати се клучните владини одлуки, а двете институции работат на урбанизација на просторот и финализирање на потребната правна рамка.

Реализацијата на овој проект треба да претставува државна потврда за стратешката определба за развој на дигиталната инфраструктура, но и поттик за привлекување приватни инвестиции. Николоски изрази очекување дека во блиска иднина ќе се реализира и првата поголема приватна инвестиција во податочен центар, упатувајќи повик до компаниите со вакви бизнис-идеи да ги разгледаат можностите за соработка со Владата.

Во делот на дигитализацијата на транспортниот сектор, вицепремиерот посочи дека се работи на воведување интелигентен транспортен систем (ИТС) во патниот сообраќај, а паралелно се разгледуваат можностите за негова примена и во железничкиот транспорт.

Како дел од обврските поврзани со Планот за раст на Европската Унија, подготвени се пет закони кои се на финална консултација во Брисел. Николоски очекува позитивен одговор во текот на оваа недела, а најави дека до крајот на следната година или почетокот на 2028 година интелигентен транспортен систем би требало да биде имплементиран на Коридорот 10, на делницата од Табановце до Гевгелија. Потоа, планирано е активностите да продолжат и на Коридорот 8.

Паралелно се подготвува и дигитализацијата на железничкиот сообраќај. Пет закони од истиот пакет се поставени на јавна консултација преку системот ЕНЕР, а по нивното усвојување се очекува да се отворат можностите за воведување интелигентни транспортни системи и во железницата.

Особено внимание, како што нагласи Николоски, ќе биде посветено на безбедноста во железничкиот транспорт. Во рамки на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, дефинитивна определба на државата е примена на најсовремениот систем ETCS Level 2, кој овозможува повисоко ниво на контрола и безбедност во управувањето со возовите.

„Ако сакаме да имаме автономно управување на возовите, односно човечкиот фактор да биде сведен на минимум, тогаш мора да имаме и најмодерни системи кои ќе го овозможат тоа“, потенцираше Николоски.

Како дополнителни приоритети во дигиталната трансформација, тој ги посочи забрзаното воведување на Националниот едношалтерски систем и новиот систем за дигитализација на патната такса.

Со овие проекти, Владата најавува поширок процес на модернизација на јавните услуги, транспортната инфраструктура и дигиталната економија, со цел државата да ги следи современите технолошки трендови и да создаде услови за нови домашни и странски инвестиции.

CATEGORIES
Share This