ЕВРОПА ВО СТРАВ ОД ТАЕН ДОГОВОР ТРАМП – ПУТИН Ќе одлучуваат за Украина без Украина

„Политико“ објавува дека европските претставници сè повеќе се сомневаат во искрените намери на рускиот претседател за завршување на војната, а се зголемува и стравот дека Трамп би можел самостојно да се договори со Москва, без учество на Европа и Киев.

ЕВРОПА ВО СТРАВ ОД ТАЕН ДОГОВОР ТРАМП – ПУТИН Ќе одлучуваат за Украина без Украина
Фото: Принтскрин

Европските претставници сè повеќе се сомневаат дека рускиот претседател Владимир Путин навистина има намера да ја заврши војната во Украина, а истовремено стравуваат од можноста американскиот претседател Доналд Трамп да постигне договор со Москва без учество на европските земји и самата Украина. Ова го објави бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на загриженоста во европските политички кругови околу текот на мировните преговори.

Според медиумот, во Европа постои страв дека доколку преговорите не дадат резултат, Вашингтон би можел да се обиде самостојно да постигне договор со Кремљ, оставајќи ги европските сојузници и Киев надвор од процесот.

Сомнежите дополнително се засилиле по минатонеделната средба на претставниците на САД, Украина и Русија во Абу Даби, на која не бил постигнат значаен напредок во насока на прекин на војната. Единствениот конкретен резултат од состанокот било ветувањето за размена на затвореници, додека суштинските прашања за постигнување мировен договор останале нерешени.

Дополнителна неизвесност создава и фактот што сè уште не е утврден датумот за следната рунда разговори меѓу трите страни. Во такви околности, европските престолнини стравуваат дека би можеле да се најдат пред свршен чин и договор меѓу Вашингтон и Москва за иднината на Украина, во чие постигнување Европа и Киев не би имале одлучувачка улога.

CATEGORIES
Share This