МАКЕДОНИЈА ГО ОТВОРА ПОДЗЕМНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ – ЕУ проект за геотермална енергија и критични минерали
Министерството, УГД и Геолошкиот завод подготвуваат заеднички проект со партнери од Хрватска, Словенија и Германија, со можност и за истражувачко бушење.

Можностите за заедничко учество во европски истражувачки проекти, како и иницијативи за унапредување на геолошките истражувања и подобро искористување на минералните и геотермалните ресурси во државата, биле тема на координативен состанок во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со претставници на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Геолошкиот завод.
Во фокусот била можноста за заедничко учество на повикот во рамките на програмата „Хоризонт Европа“, кој е насочен кон процена на ресурсите во длабоки седиментни и длабински резервоари.
На состанокот било разговарано и за формирање меѓународен конзорциум и вклучување странски партнери со искуство во геолошки и геотермални истражувања.
Од Министерството велат дека целта е преку заеднички проект да се придонесе кон попрецизно утврдување на геотермалниот потенцијал на државата, преку анализа на постојните геолошки и геофизички податоци, лабораториски испитувања и моделирање.
Доколку техничките и проектните услови го овозможат тоа, предвидена е и можност за истражувачко бушење и добивање јадро за понатамошни научни испитувања.
На состанокот било отворено и прашањето за критичните минерални суровини, чија важност расте во енергетиката, новите технологии и економскиот развој.
Во таа насока, била разгледана иницијатива за подготовка на Програма за истражување на критичните минерални суровини, со која би се утврдиле приоритетите и идните активности за истражување на нивниот потенцијал во државата.
Во подготовката на програмата би биле вклучени стручните и научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
На состанокот било разговарано и за Сивец како препознатлива домашна минерална суровина. Била предложена анализа на можностите и условите за негова соодветна заштита и препознатливост преку географска ознака.
Дополнително, иницирана е подготовка на Каталог на минералните суровини, кој треба систематизирано да ги обедини достапните информации за минералните суровини и нивниот потенцијал.
Од Министерството посочуваат дека каталогот би овозможил подобра достапност и прегледност на геолошките информации, што би претставувало основа за идни истражувања, планирање и промоција на минералниот потенцијал на државата.
За реализација на предвидените активности е нагласена потребата од засилена соработка меѓу Министерството, Геолошкиот завод, УГД и други научни и стручни институции, како и од поголемо учество во европските програми за истражување и развој.
Во однос на повикот во рамките на „Хоризонт Европа“, учесниците се согласиле да започнат со подготовка на заеднички проектен концепт и идентификување соодветни странски партнери. Како потенцијални партнери биле разгледани геолошки и стручни институции од Хрватска, Словенија и Германија.
Со планираните активности, Министерството најавува посистематско истражување на домашниот геолошки потенцијал, развој на геотермалната енергија, подобро познавање на критичните минерални суровини и создавање стручна основа за долгорочно и одржливо управување со минералните ресурси.

