МАКЕДОНИЈА Е БЛИСКУ ДО ЕУ – Но една работа ја кочи целата приказна, истакна Рокас

Евроамбасадорот Рокас порача дека уставните измени се клучниот тест за европската иднина.

МАКЕДОНИЈА Е БЛИСКУ ДО ЕУ – Но една работа ја кочи целата приказна, истакна Рокас
Фото: Принтскрин

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Македонија припаѓа на европското семејство и дека земјата е поблиску до членство во ЕУ отколку што изгледа, но дека клучниот проблем е недостиг на политички консензус и прагматичен пристап.

На конференција во Скопје, по повод 30 години дипломатски односи меѓу ЕУ и Македонија, Рокас истакна дека за да се направат последните чекори кон Унијата е неопходно политичко обединување низ целиот спектар.

Тој посочи дека уставните измени претставуваат последна важна пречка за отворање на патот кон ЕУ, додавајќи дека процесот во изминатите две и пол децении бил исполнет и со надежи и со разочарувања.

Рокас нагласи дека Европската Унија останува стабилен партнер на земјата, како политички така и економски, истакнувајќи дека најголем дел од извозот оди кон земјите членки на ЕУ, а значителен дел од странските инвестиции доаѓа од таму. Тој ги спомена и програмите „Хоризонт“ и „Еразмус+“ како важни за развој на знаења и човечки капитал.

Според него, Планот за раст на Западен Балкан претставува значајна финансиска поддршка, но напредокот зависи од спроведување на реформи.

Иако постои одреден пораст на скептицизмот кај граѓаните, Рокас рече дека поддршката за членство во ЕУ сè уште е мнозинска и дека тоа е сигнал за одговорност кај институциите да испорачаат резултати.

Тој заклучи дека проширувањето е политичка одлука и дека ЕУ нема да дозволи „сиви зони“ во Европа, нагласувајќи дека Унијата останува посветена на приближување на Македонија кон членството, и покрај сите предизвици.

CATEGORIES
Share This