МАКЕДОНИЈА ЈА ЗГАЗИ СЛОВАЧКА – Обезбеден нов Мундијал 2027 во Германија
Македонија ја потврди доминацијата во двомечот со Словачка и обезбеди пласман на Светското првенство во Германија 2027.

Македонските ракометари забележаа убедлива победа против Словачка и со тоа обезбедија нов пласман на Светското првенство, кое ќе се игра во Германија во јануари 2027 година.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров уште еднаш доминираа пред домашната публика во салата „Борис Трајковски“, совладувајќи ја Словачка со убедливи 38-23. На првиот натпревар во Словачка, Македонија исто така беше подобра и славеше со 31-24, што само ја потврди супериорноста во овој двомеч.
Од самиот почеток на реваншот, македонскиот тим го контролираше резултатот и темпото на играта, не дозволувајќи им на гостите ниту момент да се заканат со изненадување. Во првото полувреме Македонија стигна до предност од +8 (12-4), со што практично го најави конечниот исход.
Во второто полувреме разликата дополнително растеше, а највисоката предност достигна +15, за конечна и убедлива победа.
Најефикасен во редовите на Македонија беше Филип Кузмановски со 11 погодоци, додека Велковски постигна шест.
Македонија ќе настапи на Светското првенство во ракомет што ќе се одржи во Германија од 13 до 31 јануари, а ждрепката за групите е закажана за 10 јуни во Минхен.
Веќе се познати 30 од вкупно 32 учесници на Мундијалот, додека последните две селекции ќе бидат одредени по доделувањето на вајлд-картите од страна на ИХФ.
Македонската репрезентација се наоѓа во вториот шешир заедно со Франција, Словенија, Норвешка, Србија, Шпанија, Италија и Фарските Острови, што значи дека нема можност да игра против овие селекции во групната фаза.
Од првиот шешир можни противници на Македонија се: Данска, Германија, Хрватска, Исланд, Португалија, Шведска, Египет и Аргентина.
Во третиот шешир се: Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, Зеленортските Острови, Чиле и САД.
Од најслабиот шешир можни ривали се: Катар, Кувајт, Јапонија, Алжир, Ангола и Уругвај, како и двете селекции што ќе добијат специјална покана.
На Светското првенство ќе учествуваат 32 репрезентации поделени во осум групи со по четири екипи, а најдобрите три од секоја група ќе продолжат во следната фаза.
Турнирот ќе се игра во шест германски градови: Келн, Минхен, Кил, Хановер, Магдебург и Штутгарт.
