МАГЛА НА ЃАВАТО И СТРАЖА – Сообраќајот се одвива без застои
Екипите на „Македонија пат“ се на терен и вршат континуирано расчистување

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Поради временските услови, појава на магла и намалена видливост до 100 метри е евидентирана на планинските превои Ѓавато и Стража.
Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. И покрај тоа што сообраќајот се одвива без застои, поради врнежите од снег се препорачува зголемена внимателност при управување со возилата.
Екипите на ЈП „Македонија пат“ се целосно екипирани и со потребната механизација и работна сила постојано се на терен, каде што се врши расчистување на снегот. Во координација со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт, се преземаат активности со цел обезбедување непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Возачите се повикуваат на совесно и внимателно управување со возилата, задолжителна употреба на зимска опрема, почитување на сообраќајната сигнализација и прилагодување на брзината според условите на патот. Се препорачува и навремено информирање преку официјалните информативни центри за состојбата на патиштата.
Координираните активности на надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период, со цел целосно обезбедување на безбедноста во сообраќајот.
Од 15 ноември 2025 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила, без оглед на моменталните временски услови. Обврската важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира на прилагодена брзина, почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури каде постои опасност од одрони. Ова особено се однесува на делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила во периодот од 21 ноември 2025 до 31 март 2026 година.

