МАЈДЕЈ, МАЈДЕЈ Пилотот пријавил проблем со моторот, патник го снимил пламенот

Авионот со 181 лице морал да го прекине летот кон Шарлот откако јато птици удрило во еден од моторите.

МАЈДЕЈ, МАЈДЕЈ Пилотот пријавил проблем со моторот, патник го снимил пламенот
Фото: Принтскрин

Авион „Боинг 737“ на „Американ ерлајнс“ морал итно да се врати на аеродромот во Јужна Каролина, кратко по полетувањето, откако се судрил со јато птици, при што избил пожар во еден од моторите. Инцидентот се случил на летот 1760 кон Шарлот, Северна Каролина. Во авионот имало 181 лице.

„Мејдеј, мајдеј, мајдеј. Имаме проблем со моторот“, се слуша како пилотот итно му соопштува на контролорот на летање во радио-комуникацијата, која ја објави LiveATC.net.

Друг пилот, кој го забележал инцидентот, преку радио известил дека видел како авионот вшмукува птици во левиот мотор.

Еден од патниците, Патрик Готвалт, успеал да сними видео на кое се гледа пламен од моторот додека авионот се движи над водата. Сведокот Линдзи Мекеј, која се наоѓала на плажа, изјавила дека слушнала неколку силни удари, по што забележала портокалов блесок од левото крило. По инцидентот, авионот кружел во воздух за да се подготви за враќање, додека итните служби се распоредувале на аеродромот.

На пистата биле пронајдени и остатоци од птиците кои биле собрани за анализа. Ваквите остатоци од птици по судири со авиони во САД се познати како „снерги“ и се испраќаат во лабораторијата на Институтот Смитсонијан во Вашингтон. Таму експертите го утврдуваат видот на птицата, а податоците се користат за анализа на ваквите инциденти и за развивање мерки со кои би се намалил ризикот од идни судири.

Според Федералната администрација за воздухопловство (FAA), во текот на 2025 година во САД биле регистрирани повеќе од 24.000 судири меѓу авиони и диви животни.

CATEGORIES
Share This