ЛУКРОВСКИ ПОД ЛУПА – Ако има сомнежи за лажно боледување, еве кој мора да реагира

Директорот на ФЗОМ објасни дека само работодавачот може да побара контрола на боледувањето на градоначалникот на Карпош.

ЛУКРОВСКИ ПОД ЛУПА – Ако има сомнежи за лажно боледување, еве кој мора да реагира
Фото: Принтскрин

Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, изјави дека само работодавачот има право да побара проверка на боледувањето на градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и да добие информации за процедурата на неговото издавање, но не и за дијагнозата.

Лукровски речиси три недели не се појавува на работа, а последен пат беше виден во јавноста на 4 мај, на одбележувањето на годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Во меѓувреме, тој го овласти советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Неделчо Крстевски, да ја извршува функцијата заменик-градоначалник.

Од Општина Карпош велат дека немаат информации кога Лукровски ќе се врати на работа, додавајќи дека извештајот за боледување се доставува по неговото завршување. Боледувањето што му е издадено од матичен лекар истекува оваа недела, а доколку биде потребно продолжување, за тоа ќе одлучува лекарска комисија.

Клековски потенцираше дека ФЗОМ може да спроведе контрола за евентуално лажно боледување само ако тоа го побара работодавачот, што во овој случај би значело иницијатива од заменик-градоначалникот Крстевски.

Во јавноста претходно се појавија шпекулации дека Лукровски сакал да поднесе оставка поради тешкотии во раководењето со Општината, но од Карпош официјално демантираа и соопштија дека станува збор за привремено отсуство поради здравствени причини.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека градоначалникот не поднел оставка и му посака брзо закрепнување, обвинувајќи дел од јавноста дека политизира здравствена состојба.

CATEGORIES
Share This